Електрични автомобили » Колкава е искористеноста на енергијата?

Top News Занимливости

Колкава е искористеноста на енергијата?

Електричните автомобили ги има малку на улиците, но тие искористуваат значително поголем процент од енергијата во однос на класичните

Објавено на 1 април 2020 година

Иако електричните возила незапирливо навлегуваат во сите сфери на транспортот, сепак постојат дилеми околу нивната реална можност вистински да влијаат на природниот баланс на планетава. Оправдани мора да кажеме, затоа што како сега се поставени работите за вистински да бидат енергетски и еколошки неутрални тие мора да користат струја добиена од обновливи извори. Сепак и покрај тоа законите на физиката се на нивна страна, барем во поглед на искористеноста на енергијата. Имено, општо познато е дека моторите со внатрешно согорување имаат многу мал коефициент на ефикасност – тие едвај да искористуваат 40 отсто од енергијата што ја имаат горивата што ги трошат. Само најсофистицираните од нив како на пример во формула 1, можат да стигнат до 50 отсто. Од друга страна, електричните возила лесно достигнуваат и над 80 отсто.

Оваа значителна разлика првенствено доаѓа од самите процеси на работа на возилата. Кај класичните возила тој е термодинамички, што значи дека хемиската енергија на бензинот и дизелот прво се претвoра во топлотна, па потоа во механичка. Кај електричните возила има една конверзија помалку – струјата директно се троши за задвижување на возилата. И кај неа постои хемиски процес при нејзиното складирање во батериите но тој како што тврдат од американската канцеларија за енергетска ефикасност во својата студија, е доста поефикасен. Конкретно, тие наведуваат дека загубите на енергија кај електричните возила ретко надминуваат 20 отсто. Најголем дел од тоа отпаѓа на полнењето и празнењето на батериите – околу 16 отсто, додека другите загуби се безначајни или ги нема. Такви на пример се механичките загуби во помошните системи на моторот, трансмисијата на возилото и кога тоа работи во место. Плус на тоа сите електрични возила имаат можност за регенерација на енергијата при сопирање, која придонесува со 17 отсто во нивниот енергетски биланс. Но и со нејзино исклучување од математиката, искористеноста на енергијата кај електричните возила останува на некои 60 до 65 отсто. Од друга страна, во студијата се наведува дека автомобилите со конвенционални бензински или дизел мотори во пракса искористуваат едвај од 12 до 30% од енергијата на горивата.

За сликата да биде целосна сепак недостига еден клучен фактор – а тоа е како се добива струјата што ја трошат електричните возила. Имено ако таа доаѓа од јаглен или нафтени деривати, тогаш треба да се земе предвид и степенот на енергетската ефикасност на електроцентралите. Ако не, сето ова паѓа во вода.