MINI, во MAXI издание
Во полн сјај блесна оксфордскиот тандем, порачувајќи од Минхен дека имаат силни адути за времето што доаѓа!
Непосредно пред започнувањето на IAA, на ексклузивен настан MINI ги промовира двата нови модели што треба да се комерцијализираат наскоро. Пред одбрани припадници на „седмата сила“ и акционерите на групацијата BMW на светската сцена стапија новите генерации на Cooper & Countryman. Како што налагаат новите трендови, предност им се даде на електричните верзии, но класичните мотори не се отфрлаат. Џентлменски, нивните веќе потврдени браќа и сестри кои се движат со мотори на внатрешно согорување ќе добијат свое деби нешто подоцна, пред да започне производството во фабриката на BMW Group во Лајпциг.
Формулата што функционира не треба да се менува, но секако дека треба да еволуира во склад со вкусовите и трендовите. Легендарниот MINI Cooper е претставен во две верзии, Cooper E и SE. Сосема очекувано е што е задржана хечбек каросеријата, но изненадување е одлуката таа да остане само во верзијата со три врати, што е вистинска реткост во денешниот свет. Надворешноста е веднаш препознатлива благодарение на познатата силуета и карактеристичните дизајнерски црти вклучувајќи ги тркалезните фарови, големата решетка, црните столбови и покривот обоен во различна боја од каросеријата.
Кога се гледа во живо јасно е дека еволуцијата се одвива во најдобриот смер. Иако со компактни димензии, Cooper остава колосален впечаток. Во внатрешноста кај двата новитети има кружен OLED екран на допир како централен дел на минималистичката контролна табла. Централниот дисплеј е со големина 9,4 инчи, кој работи на MINI оперативниот систем 9 базиран на Android со виртуелен асистент наречен Spike, овозможува различни дотерувања благодарение на достапните „режими на искуство”. Потенцирана е употребата на одржливи материјали за тапацирот, патосниците и другите компоненти на кабината. Љубителите на луксузот ќе бидат разочарани, но екологистите воодушевени. Во ниту една изведба не е предвидено употребувањето на кожа.
Според објавените погонски спецификации, основната верзија е MINI Cooper E кој опремен со еден електричен мотор што произведува 135 kW/184 KS, а напојувањето се одвива од батерија од 40,7 kWh. Посилната Cooper SE има електричен мотор од 160 kW/218 КС и поголема батерија од 54,2 kWh. MINI е компанија што полага големо внимание на своето тркачко педигре. Затоа ќе има и целосно електрична варијанта JCW (John Cooper Works) со уште поголема моќност. Автономијата на „цивилните“ изведби ќе биде околу 400 километри.
Новиот MINI Countryman ја дели својата основа со BMW X1 и iX1. Аналогно на тоа, и тој, како и MINI Cooper, ќе понуди опција помеѓу електричниот погон и оној на бензин. Интересно е што изведбата со приклучен хибрид ќе биде укината. Кросоверот е 13 cm подолг од неговиот претходник. Со вкупна должина од 4.429 mm, тој нуди просторна кабина и поголем багажен простор. Countryman исто така, се нуди во две електрични изведби. Верзијата Е е опремена со еден електричен мотор кој произведува 140 kW/191 KS. Помоќниот Countryman SE ALL4 има два електрични мотори кои произведуваат комбинирани 230 kW/313 KS, исто како и BMW iX1. Воедно, тие го делат истиот батериски пакет од 64,7 kWh, кој нуди максимален дострел од 450 km за помалку моќната варијанта.
Новите Mini Cooper и Countryman ќе бидат поврзани со клауд во центарот на производителот не само поради надоградувања туку и за следење на состојбата на возилата. Со тоа ќе се избегнат и непотребните посети на сервисите. Ќе има и два бензинци и еден дизел, а на пазарот доаѓаат на почетокот на идната година.

























