Ексклузивно – Прво возење на Vinfast VF8

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin

Виетнамец со светски манири

Роден во Виетнам во 2017 година Vinfast е автомобилски огранок на огромниот конгломерат Vingroup.

За глобалната сцена Vinfast е релативно мал производител на автомобили кој доаѓа од земја со мала историја на производство на возила. На патеката Вајрано, во рамките на Autobest EcoChallenge, добивме уникатна можност да седнеме зад управувачот на предпродукциската верзија со европска спецификација на знаменосецот VF8. Така бевме меѓу првите новинари на кои им беше овозможено да дадат мислење за VF8. Пред една година немаше да биде замерено доколку не сте биле свесни за постоењето на Vinfast.

За рекордни пет години од формирањето, Виетнамците лансираа три глобални модели, сите 100% електрични. По отворањето на продажби во Северна Америка и Азија на ред дојде Европа. Дебито на стариот континент претстои, а него ќе го предводи робусниот VF8 спортско-корисно возило со разумни амбиции. Само десет дена по Мондијалот во Париз имавме можност да добиеме прелиминарна престава за возните карактеристики на VF8, просторен и димензиониран да ја зголеми конкуренцијата во средната класа спортско-корисни возила каде традиционално господарат премиум марките.

Под рефлекторите во Париз VF8 делуваше моќно, а сега на асфалтот на Вајрано стои надмено, како со нетрпение да чека да биде погонет од мала група европски новинари. Предпродукциски модел означува финално експериментирање и дотерување пред да се започне со сериско производство, па можни се несовршености во изработката и функционирањето на сите механички и електронски елементи. Бев пријатно изненаден од изгледот на VF8 кој зрачи со свежина. Не е за чудење бидејќи во неговото создавање директно се вклучи Pininfarina, дизајнерско студио и изработувач на каросерии со извонредно реноме. Силните линии со истакнат светлосен отисок наметнуваат маркантен визуелен идентитет со силен шарм.

Од секој агол изгледот е со силно изразен карактер растегнат по неговите димензии прилагодени на ориентацијата да биде глобален производ. Модерниот дизајн е нагласен во внатрешноста. Голем простор исполнет со светлина овозможена од панорамскиот подвижен покрив дава сосема весела конотација во престојот. Возачката перспектива неодоливо потсетува на панорамата веќе видена кај Tesla Model 3 и Y. Зад воланот е бришан простор додека севкупната инструмент табла има своја графика на предимензираниот, централно поставен екран.

На задната клупа се пресликува истиот впечаток само има повеќе простор за да се воочат прецизната завршна обработка и удобност. Несебичното имплементирање на современи технологии, поврзаноста, просторноста и ергономијата пријатно изненадуваат. Јас сум прилично импресиониран од прецизното вклопување на материјалите на централната конзола и вратите. Не очекував дека пластичните површини ќе бидат толку груби и тврди наместо да се гумирани или помеки. На централниот гребен наместо селектор или палка за менувачот доминираат четири масивни копчиња.

Притисок на она обележаното со буквата „D“ и можеше да тргнам. Поради процесот на европска хомологација предпродукцискиот VF8 можевме да го возиме во границите на патеката Вајрано чија инфраструктура, сем тркачка патека, има дел каде може добро да се почуствуваат амортизацијата, управливоста и севкупното функционирање на возило. Токму тој курс беше заземен на моето крстарење со VF8. Тој се напојува со батерија од 82 kWh (90 kWh бруто) и има две верзии на моторизација со 348 и 402 КС. Сместени во подот, батериите даваат ниско тежиште на високата контура па нагласено се чувствува робусноста и доброто прилегање на патот.

Низ нерамните делови на тест полигонот каде каросеријата и попирањето подлежат на наизменична торзиона оптовареност импресивно се покажаа удобноста и мекото прифаќање на предизвиците. Реакцијата на механичките склопови е адекватна и остава добар впечаток, особено амортизацијата. Во свиоците VF 8 е цврст и стабилен, речиси како германско возило. Воланот би можел да биде подиректен и да дава подобри повратни информации, но е прецизен. Со своите шест секунди од мирување до 100 км/ч не спаѓа меѓу најбрзите во класата, но покажува дека Vinfast се сконцентрирал на дострелот кој би требало да овозможи поминување на 460 до 510 километри во зависност од изведбата.

Ми се допадна мазното реагирање на командите и севкупното чувство што го добив додека го возев VF8. Звучната изолација е на високо ниво па сам по себе се наметнува заклучокот дека во серискиот модел нема да се интервенира многу. Како дел од предпродукциските недостатоци се чувствува потешкото затворање на вратите како и помалку нерафинираната реакција на сопирачките чија сила тешко се дозира. Овие забелешки верувам дека нема да се повторат во серискиот VF8 кој ќе почне да се испорачува во првата половина на 2023 г. Иако вон конкуренција на годинешниот EcoBest Challenge, VF8 верно ги следеше протагонистите на тестот на утврдените марш рути.

За жал поради споменатата легислатива во секојдневниот сообраќај требаше посебна дозвола од италијанските власти која ја имаше само колегата Алесио Виола од Quattroruote. Тој не се воздржуваше да го пофали севкупното однесување на VF8 во реалниот сообраќај во кого ги имавме сите сценарија на возење, од автопат, локална и регионална патна инфраструктура, патека и натрупаните булевари и улици на Милано.

Примерот што го дава VF8 е охрабрувачки и влева доверба дека изработката на потполно електрични возила ќе донесе до омасовување, а со тоа и пад на цените. Кога сме кај нив да споменеме дека Vinfast најавува два вида на продажба. Најавената цена во Германија на VF8 ќе биде околу 62.000 евра. Далеку по поволната варијанта е долгогодишен лизинг со плаќање на месечно изнајмување на батеријата во висина од 120 евра. Во тој случај цената ќе биде 46.000 евра. Приказната за Vinfast започна пред само пет години и покажа дека за оваа временска дистанца  може да се направи конкурентен производ и на пазарот да настапи глобално. Доколку палновите се исполнат, во следниот период не треба да изненади Виетнамците да продадат повеќе примероци на електрични возила со батерии до крајот на следната година отколку повеќето стари компании што доаѓаат од Азија.

 

Сподели

Последни новости

Најнова епизода

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.00 ден
  • еуросупер 98 - 82.50 ден
  • еуродизел Д5 - 81.50 ден
  • течен нафтен гас - 50.00 ден
  • метан - 123.50 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER