Еко Авто Рели Македонија 2019 » Еколошките возила излегоа на улиците

Top News Македонија

Еколошките возила излегоа на улиците

Не на протест, туку да покажат дека постојат

Објавено на 25 ноември 2019 година

Државата ги игнорира, но јавноста не – еколошките возила кои ги има во сé поголем број полека и трпеливо стануваат дел од нашето секојдневие. Дека е така решија да покажат авто клубовите Примо Рејсинг и Класик, кои за прв пат во Македонија организираа Еко авто рели за електрични и хибридни возила. Замислен како настан со спортско-рекреативен карактер, акцентот беше ставен на заштита на природната околина и безбедноста во сообраќајот. Со поддршка на неколку наши импортери на возила, други компании и поединци, учествуваа осум автомобили од седум марки. Три беа хибриди, еден плаг-ин хибрид, а четири електрични. Веќе самиот овој состав кажува доволно за популарноста и позитивниот имиџ што еколошките возила ги имаат во Македонија. Стартот и целта беа во Скопје Сити Мол, а рутата на движење поделена на три етапи. Контролните точки беа на Средно Водно и кај хотелот Хилтон, а по пристигнување се одржа и специјална временска етапа. Со оглед на карактерот на возилата, место со брзина натпреварувачите требаше да ја покажат својата вештина со прецизно возење и да поминат 100 метри за точно 15 секунди. За најуспешните на релито беа предвидени пехари и признанија, но победници всушност сме сите ние бидејќи со зголемувањето на бројот на ваквите возила воздухот што го дишеме ќе биде почист.

Со цел да стане традиција, оваа манифестацијата која предизвика голем интерес во јавноста беше проследена со изложба на еколошки возила пред Скопје Сити Мол, на која сите заинтересирани можеа да се запознаат со нивните карактеристики. Претходниот ден беше организирана и тркалезна маса на тема електричните и хибридните автомобили во светот и Македонија.