Го возевме Land Rover Discovery Sport » Традиционална британска одмереност

Top News Возевме

Традиционална британска одмереност

Новиот Discovery Sport настапува само пет години по претставувањето на првенецот и на прв поглед нема големи промени и личи на дизајнерско освежување, но кога подетално ќе се погледне станува јасно зошто се нарекува дека е нов

Објавено на 5 февруари 2020 година
автор: Крумислав Барзов

Традиционалната британска одмереност и воздржаност уште еднаш се покажува како делотворна одлика. На прв поглед кај новиот Discovery Sport забележливи се измените кај светлосните групи, браниците и маската на ладилникот. Кај предните светла само во основната изведба има седум LED диоди додека кај останатите се двојно повеќе. Со надворешните дизајнерски зафати, иако се симболични, добиено е на робусноста на изгледот. Главните измени се направени испод каросеријата. Основата Discovery Sport ја дели со Range Rover Evoque со задолжителни измени на задната суспензија поради новата вокација на овој модел. Имено, сериски во Discovery Sport се вградуваат три реда седишта што го прави седумсед. Нивната употреба е лесна поради клизните седишта на вториот ред додека пристапноста е дискутабилна. Во внатрешноста на кабината насекаде се чувствува просторноста и комфорот, особено на предните седишта каде панорамата е исполнета со висока технологија и одлична прегледност.

Дигитализицијата длабоко има навлезено во сите пори на Land Rover Discovery Sport

Работното место на возачот го дефинира воланот кој е идентичен како кај престижниот Range Rover. Инструмент таблата се исцртува на дисплеј и покрај основните покажувачи, на централниот дел, може да се избере приказот од навигацијата па сé до селектираниот модус на возење. Централната конзола ја кити уште еден дисплеј чувствителен на допир на кого се испишуваат и манипулираат поголемиот дел на функциите во возилото од аудио системот па сé до нагодувањата и дотерувањата на посебните функции. Практично остварување се ротационите манипулатори за нагодување на температурата во кабината кои имаат двојна функција. Со притискање на соодветни копчиња преку нив се дотерува дувањето на вентилацијата или се селектираат посебните шест програми на возење. Контролирани од електрониката тие го дефинираат карактерот на Discovery Sport кого лесно го трансформираат по потреба и условите на возењето. Електрониката и до 100 пати во минута го надгледува преносот на силата на сите тркала, а за оптимизација се грижат шестте електронски програми кои ја дефинираат дистрибуцијата на силата на тркалата. Тоа резултира со бескомпромисно мелење на подлогата и триумфално чувство на возачот. Силата од дволитрениот турбо дизел со 150 КЅ се пренесува на сите тркала преку деветстепен менувач.

Динамичната страна на возењето ја оправдува додавката Sport во името на овој модел на Land Rover

Discovery Sport е тежок неполи два тони па сосема логично е што моторот не може да ги исполни динамичките очекувања. Во мирно возење кое не изискува нагли забрзувања моторот се однесува сосема задоволително. Забрзувањата се пристојни и со леснотија ја одржува брзината. Корелацијата со менувачот е одлична но не може да очекувате динамичност, особено не на нагорнини. Кога сме веќе на кривулести патчиња треба да го подискутирам управувањето. Тоа е поблиско до лимузина отколку на спортско-корисно возило. Со мало вртење на воланот тркалата нетипично се поместуваат, па додека се навикне возачот треба цело време да врши корекции. Забележително е наклонувањето на каросеријата во нагли маневри особено доколку додавате сила во свиок. Тогаш се чувствува тежината на возилото и се наметнува заклучокот дека подобар избор би била изведбата со посилен агрегат. Иако спаѓа во редот на економични мотори на марката, овој дволитарец со 150 КЅ и 360 Nm вртежен момент не се истакна со штедливоста. Просекот од 10,4 литри на изминати 100 km не е за фалење.

Land Rover Discovery Sport има седум седишта, но за да се стигне до последните две треба да се биде јога мајстор…

Сепак атрибутите на Discovery Sport се многустрани. Удобството во возењето е на високо ниво, а скриените квалитети искажани преку возните карактеристики во сите услови и подлоги ве прават потполно безгрижни. Чувството во кабината е супериорно не само поради удобноста туку и поради одличните материјали кои се насекаде околу. Накратко речено, новиот Discovery Sport во секој аспект припаѓа во премиум друштвото иако марката Land Rover тоа не е. Сепак со цена од 69.000 евра за изведбата ЅЕ тој на големо му конкурира на братот Evoque. Во однос на претходникот, во новиот Discovery Sport се направени подобрувања на 3.000 позиции и постигнат е висок степен на доверливост и позитивни чувства во престојот и возењето. Листата на опременост е долга колку овој текст, но дали е тоа оправдување да се достигне цената на поголемиот по габарити Land Rover Discovery? Тој заклучок го оставам на купувачите и нивните потреби.

основни податоци Land Rover Discovery Sport
мотор: 4 цилиндри, 4 вентили по цилиндар, 1.998 cm³, 150 KS при 4.000 min⁻¹, 380 Nm при 1.750-2.500 min⁻¹
трансмисија: 9-степен автоматски, погон на сите тркала, пневматици со димензии 225/65 R17 V
каросерија: кросовер со 5 врати, 7 седишта, 4.597×2.069×1.727 mm, меѓуоскино растојание 2.741 mm, тежина 1.926 kg, максимална тежина: 2.640 kg, багажник: 840/1.794 dm³, резервоар 65 литри
перформанси: максимална брзина 190 km/h, забрзување 0-100 km/h за 11,4 секунди, просечна потрошувачка 6,9 l/100 km, емисија на CO₂ 181 g/km
цена на тестираното возило 69.000 евра
клучни зборови: ,