Лавчето е поготвено да стане крал
По повод 208 години од постоењето на компанијата, Peugeot ја лансира втората генерација на моделот 208 и тоа во три изведби – едната е со бензински мотори, втората е со дизел мотори и третата е онаа најмодерната која ја користи електричната енергија
Објавено на 29 октомври 2019 година
автор: Крумислав Барзов
Велат дека иднината на моторизацијата е во погонот на струја, но производителите на автомобили сé уште немаат храброст ниту можности да се префрлат целосно на струја, па затоа сé уште се во игра моторите со внатрешно согорување. Во новата генерација на Peugeot 208 нив ги има два типа. Рака на срце тие се нисколитражни, но имаат извонредни динамички способности. Тие се кај бензинците трицилиндерски со распон на силата од 75 до 130 коњски сили, но има исто голема понуда и за оние кои сé уште го сакаат дизелот. Тој агрегат сé уште се нуди во новата генерација на 208. Но она што е вистински ново е потполно електричната 208-ка. Таа е вистински дијамант во понудата на електрични возила. Има силна батерија од 50 киловат-часови, а испод хаубата има електричен мотор од 100 киловати, односно 136 коњи. Нашите домаќини ни посочија дека батеријата е доволна да издржи цела седмица за возачите кои имаат потреба да возат само 50 километри дневно. Но електриката ќе ја оставиме за вториот дел од тестот на 208. Јас како традиционален или старомоден возач секогаш им давам предност на моторите со внатрешно согорување. И започнуваме со трицилиндерскиот мотор од 1,2 литри потпомогнат со турбо полнач кој произведува 100 коњски сили. Овој мотор е оптимален и за македонските услови, па затоа се фокусираме на него.
Електричната 208-ка ќе ја препознаете преку маската на ладилникот која е во бојата на каросеријата
Уште долго време во автомобилската индустрија главна улога ќе играат моторите со внатрешно согорување. Јас се наоѓам зад управувачот на 208 кого го погонува мотор од 100 коњски сили, а како гориво користи бензин. Во понудата на 208 тој има две варијанти – со впарен шестстепен мануелен и новиот осумстепен автоматски менувач. Поради адекватноста за македонскиот пазар јас ја избрав да ја возам верзијата со шестстепен рачен менувач. За возните својства на Peugeot 208 не треба многу да се зборува бидејќи тој користи една интересна синергија на удобност и меко потпирање со прецизно и бескомпромисно однесување на патот, па во свиоци со 208-ката е вистинско задоволство да се вози. Иако е трицилиндарски мотор тој е погонет со турбо полнач и произведува 100 коњски сили, па така да не може во ниедна ситуација да се каже дека оваа комбинација е латентна или пак дека и отсуствува динамичност. Напротив, јас зад управувачот на 208-ката се чувствувам како да имам многу посилен и поголем агрегат. Трите цилиндри се тивки, работат токму онака како што треба и се вклопуваат во општата слика на 208-ката. А тоа е дека овој автомобили не е само атрактивен, туку е и економичен и динамичен. Кога станува збор за економичноста не може да се каже дека овој бензинец троши многу гориво. Некаде околу 6,2 литри е мојот просек на изминати 70-тина километри колку трае возењето со оваа изведба.
Во каросеријата е тивко, се чувствувате убаво и комотно. Можеби би требало малку повеќе простор да има на задната клупа бидејќи ова е најголемиот модел од фамилијата 200. Имено за цели 6 сантиметри ја надминува границата од 4 метри, што е за некои си 9 сантиметри повеќе во однос на претходната генерација. Иако е сместена на иста основа како и претходникот, новата 208-ка има поинаку дефиниран внатрешен и надворешен простор, па затоа делува и многу поробусно. Но сепак во фокусот на вниманието беше дизајнот кој изгледа извонредно динамичен но и атрактивен. Монументалноста на внатрешниот простор како да го гушка возачот и се гледа дека материјалите употребени во внатрешноста се аплицирани за да возачот ужива во неа. Иако има многу простор, ова не е идеален автомобил. Мене не ми се допаѓа како прво позицијата на управувачот. Исто така не ми се допаѓа централниот гребен помеѓу предните седишта што во голема мерка го смалува просторот за нозете на возачот и совозачот. Во месец декември оваа верзија ќе биде присутна на македонскиот пазар, значи експресно бргу. Се претпоставува дека цената би се движела меѓу 16 и 17 илјади евра.
Peugeot 208 во Македонија треба да стигне некаде до крајот на годинава
И како што најавив на почетокот на тестот, сега ќе се посветиме малку и на модерната технологија, односно на новата филозофија на моторизацијата која ни доаѓа со електричните возила. Изгледот на 208 во однос на изведбата со бензински и дизел мотори е ист, но возните својства би требале да бидат многу подобри бидејќи електричниот мотор дава многу поинаква перформанса и динамичност на возење. Па тргнуваме веднаш. Ова лета, не оди, ова е како да возите вистински GT автомобил. Возењето на електричната 208-ка не се разликува многу во однос на онаа што има мотор со внатрешно согорување. Поради отсуството на моторот и менувачот, па и издувната гранка, тежината на возилото е некаде приближна како со својот брат. Батериите се поставени во подот на возилото па тоа придонесува за понискиот центар на гравитација на целата каросерија што носи едно убаво чувство при возењето и се чувствува дека овој автомобил може да ги направи сите динамички маневри како и класичните автомобили, што е голем атрибут за овој тип возила.
Peugeot 208 располага со батерија од 50 киловат-часови, што е доволно за да се поминат како што декларира производителот 350 километри
Она што сакам да го потенцирам е внатрешноста на електричната 208-ка која не се разликува во ниту еден елемент од онаа со мотор со внатрешно согорување. Тоа е уште еден атрибут во име на електричната 208-ка затоа што досега производителите на електричните автомобили оправдуваа оскудна опременост на внатрешноста и употреба на многу евтини материјали во името на екологијата и во името на штедењето, односно кратењето трошоци. Тоа не е случај кај 208-ката на електричен погон. Како што гледате секаде има аплицирано убави материјали кои се нежни на допир. Дури и оваа пластика што симулира карбон е мека и убава на допир. Разочарува пластиката поставена на горниот дел од вратата која е тврда и дава еден чуден звук кога ќе ја допрете, но тоа не значи дека таа е со краток животен век.
Целото конципирање на дострелот на возилото е прилагодено на возачите кои го исполнуваат европскиот просек. Тоа значи дека дневно поминуваат околу 50-тина километри, што значи дека оваа батерија овозможува да го возите 208 без полнење цела седмица. За жал Македонија не паѓа во фокусот за продажба на електрични возила, но на просечниот европски купувач направена му е своевидна услуга. Електричната 208-ка по амортизационен план и по планот на плаќање на ратите е иста како и 208-ката со мотор со внатрешно согорување. На период на експлоатација од 4 години ратата би чинела некаде околу 320 евра, што изнесува исто ниво на пари доколку се одлучите за нејзината класична верзија, Но предноста на електричната верзија на 208 не е само во екологијата туку и во финансиите. Редовното одржување е во периоди од 24 месеци или 24 илјади изминати километри, а поради едноставноста на електричните склопови, односно батеријата и електричниот мотор, тоа одржување не чини многу пари.
Динамичките својства на електричните автомобили се извонредни. Се надевам дека Македонија на време ќе земе приклучок кон овие возила и ќе можат во поголем дел љубителите на електриката да бидат присутни на македонските улици. Можеби цената на електричните возила е нешто повисока во однос на оние со конвенционални мотори, но иднината налага дека со вистинско финансирање и со вистинско умно менаџирање на струјата овие возила ќе имаат иднина дури и на сиромашни пазари како што е македонскиот. Свеста во светски рамки и на сите меридијани се менува и оди во корист на струјата, а струјата е круцијална за да ја одржиме чистотата на нашата животна средина.