Ги возевме Citroen C5 Aircross и Berlingo Van

Петка за C5 Aircross

На патеката Навак се запознавме со двата најнови модела на француската куќа

Објавено на 7 февруари 2019 година
автор: Зоран Коцев

Citroen C5 Aircross дојде и на нашиот пазар. Тргна во освојување на светот најпрво од Кина, за при крајот на ланската година да започне да се произведува и во Европа, поточно во фабриката на групацијата во Рен, северозападна Франција. Се знаеше дека на Стариот Континент нема да му биде лесно, бидејќи конкуренцијата во овој сегмент е жестока. Меѓу другите, се бори и со своите братучеди Peugeot 3008 и Opel Grandland X. Но во PSA мудро и политички играа со заедничките карти, оставајќи доволно простор за секој од нив. Така најголемиот Citroen зрачи со посебен шарм што му го даваат линиите карактеристични за марката. Со нивна помош, моќниот и енергичен карактер е истакнат без никаква агресивност. Дводелната маска со тенок горен дел со ЛЕД светла во ќошињата му дава силна особеност. Долниот дел визуелно се надоврзува на браникот, а брановидниот и високо издигнат поклопец на моторот ја дава самодовербата потребна за ваков тип возило. Задниот дел изведен во типичниот Citroen-ов стил е споен со флуидно обликуваната силуета преку препознатливиот заден столб и пливачкиот покрив. Целината ја заокружуваат различно обоените графички елементи, големите тркала, високото растојание од подлогата и заштитите околу целата каросеријата. Тука посебно треба да се истакнат уникатните Airbump перничиња, кои ги има само Citroen.

Новиот француски SUV се одликува со единствен стил и дизајн на каросеријата

Ентериерот веднаш дава впечаток на пространост, која малку е нарушена со високата и широка централна конзола. Дигиталната инструмент табла функционално ги испорачува информациите, а со аудио-конективниот систем лесно и интуитивно се ракува преку неговиот екран дополнет со издвоени команди за најчесто користените функции. Под него се гледаат копчињата за грип-системот познат од другите модели од групацијата и за системите што ги дополнуваат неговите способности. За седиштата имаме само пофалби. Дел се од Advanced Comfort програмата, чиј горд претставник се и прогресивните хидраулични граничници, исто така уникатност на Citroen. Возењето до патеката Навак крај Белград и назад ни го потврди она што веќе го знаевме – кога станува збор за удобноста, ретко кој е рамен на возилата со двојниот шеврон.

Citroen C5 Aircross е подготвен за поход и на европскиот пазар

Но C5 Aircross е нешто повеќе од тоа. Задните три индивидуални, поместливи и преклопиви седишта му обезбедуваат единствена модуларност и сестраност. Багажниот простор од 580 литри, најголем во класата, може да нарасне до дури 1.630. Електронските асистенти кои ги има точно 20 на број, се дополнети со 6 технологии за поврзување. За љубителите на естетиката на располагање се 30 надворешни комбинации на бои и 5 различни уредувања на внатрешноста. Платформата е познатата EMP2, а моторизацијата добро одмерена – по два бензинци и дизели со по 130 и 180 коњски сили и 6-степен мануелен или 8-степен автоматски менувач. Погонот засега е само на предните тркала.

Носители на програма Advanced Comfort се ослонувањето со прогресивни хидраулични граничници и седиштата кои се истакнуваат со удобноста

Возилото со кое патувавме имаше комбинација од послабиот дизел со мануелен менувач, што ќе биде најверојатниот избор на нашите купувачи. Нé изненади со својата еластичност и леснотијата со која ги голташе автопатските километри. Кабината звучно е одлично изолирана, а целокупниот впечаток од патувањето натпросечен за оваа класа возила. Ни беше чудно кога нашите домаќини од Автонова ни најавија дека ќе го C5 Aircross возиме на тркачка патека, но на предизвикувачкиот асфалт на Навак ни стана јасно зошто се одлучиле за ваква презентација. Навалувањето на каросеријата беше во рамките на очекуваното, но свиоците ги совладува целосно безбедно. Седиштата одлично го држеа телото, а и сопирачките го покажа својот капацитет. Јасно е дека никој нема да го вози на трки, но ваквата проба недвосмислено ни ги покажа неговите потенцијали.

Citroen C5 Aircross има потенцијал за освојување на пазарот и со своите цени. Тие во овој момент сé уште не се официјални и затоа мора да ни верувате на зборот дека се предизвикувачки.

Citroen Berlingo Van: Три во едно

Посетата на Навак ја искористивме и за запознавање со новиот Berlingo, кој ни беше претставен во две изведби – доставна и комбинирана. Однадвор се разликуваат по дизајнот на предниот дел, а одвнатре главно по бројот на седиштата – првата ги има две или три, а втората пет. Како модел добро етаблиран на пазарот очекувавме дека ќе ги надгради своите способности, кои сега му се обезбедени од платформата комбинирана од споменатата EMP2 од патничката програма на Citroen напред и задниот дел од досегашниот Berlingo. На располагање е со две меѓуоскини растојанија и должини на каросеријата, како и во посебна изведба со зголемена проодност наменета за тешки услови на работа, како што на пример владеат во градежништвото. Зафатнината на товарниот простор се движи од 3,3 до 4,4 кубни метри во зависност од верзијата, а носивоста кај сите е 1.000 килограми. Двете лизгачки врати, поместливата заштитна решетка со отвор во неа за превоз на долги предмети, бројните места за чување на предмети внатре и уште многу што, му ја зголемуваат практичноста до ниво кое ќе задоволи потреби за секој бизнис. Задоволни ќе бидат и патниците бидејќи Berlingo иако е доставен модел располага со дури дваесет електронски асистенти, меѓу кои се и грип-контрол системот и Hill Assist Descent функцијата. Употребливоста ја зголемуваат камерите назад и од страна, а безбедноста индикаторот за преоптоварување.

Citroen Berlingo Van ќе биде достапен со еден бензински мотор со 110 коњски сили и три дизела со 75, 100 и 130 коњи, со 6-степен мануелен и 8-степен автоматски менувач. Како и за C5 Aircross, неговите цени во овој момент официјално не се објавени.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER