Бенефиции за електричните, екстра давачки за класичните возила
Објавено на 23 септември 2019 година
Поевтини електрични возила, поскапи горива и повисоки давачки за останатите – тоа е планот на Германија како да се справи со предизвикот да ги намали емисиите на јагленород диоксид. Планот предвидува бенефиции за електричните возила поевтини од 40.000 евра почнувајќи од 2023 година, додека конвенционалните автомобили истовремено ќе станат поскапи за користење, со повисоки даноци и зголемени цени на бензинот и дизелот. Случајно или не, најновиот германски пакет мерки доаѓа откако канцеларката Ангела Меркел се соочи со серија протести годинава кои се интензивираа во времето околу одржувањето на салонот на автомобилите во Франкфурт, на кои се бараше решителна акција за спречување на емисиите. Следуваше 16-часовна средба на коалиционите партнери во владата, по што беше подготвен планот според кој зголемувањата на цените на горивата на почетокот ќе го поскапат полнењето на еден резервоар гориво за нешто повеќе од 1 евро, сума која до 2026 година треба да се зголеми на меѓу 4 и 6 евра. Засега нема никакви најави за тоа колку би изнесувале субвенциите за електричните возила, но некои желби стигнуваат и до 50% од производствената цена.
Во моментов на германските патишта се движат околу 480.000 електрични и хибридни возила, што е едвај нешто над 1% од вкупниот возен парк. Треба да се знае и дека скоро половината од својата струја Германија ја добива од фосилни горива, 13% се од нуклеарните централи кои наскоро ќе се затвораат, а остатокот од обновливи извори. Домаќинствата таму во просек плаќаат по 30 центи за киловат-час, што е втора најголема цена во Европа. Од тоа, 55% се на име разни давачки.