Ќе запрат монтажните ленти
Всушност досега тоа еднаш веќе се случи, но без поука
Објавено на 23 септември 2019 година
Како дел од голготата што Британија ја поминува кон својот „независен” пат после Брегзит, најмногу страдаат најмалку виновните – овој пат работниците во автомобилската индустрија на земјата. Имено, бидејќи таа е извозно ориентирана, јасно е дека секоја промена во надворешното тргување на овој или оној начин ќе остави последици. Дури и ако е позитивно, заради хроничната инертност на реакциите на земјата негативни последици сепак ќе има. Историјата досега тоа го покажала повеќе пати, но се чини дека овој пат може да биде катастрофално. Убива дури и неизвесноста, затоа што со одложувањето на неодложното (како велат самите тие) се менуваат и одлуките и стратегиите и на оние што цврсто се решени да истраат докрај. Дел од нив засилено набавуваат репроматеријали од увоз кои би ми биле неопхподни да го задржат производството, притоа не знаејќи како (и дали) после ќе го продадат произведеното. Преовладува сепак идејата за принудно запирање на монтажните ленти во критичниот период околу 31 октомври, како би се добило доволно време да се најде најсоодветно решение за новонастанатата ситуација.
А тоа некому нема да му се допаѓа. Jaguar Land Rover на пример веќе се изјасни дека го очекува најлошото – затоа и сé почести се гласините дека некој сака да ја купи оваа компанија. BMW започна со подготовки за преселба на дел од производството во странство, PSA е подготвен да ја затвори својата фабрика во Елсмер ако нема договор за Брегзит, а Honda веќе најави дека ќе го стори тоа, правдајќи се дека причините се други. Генерално, индустријата го задржува здивот чекајќи да види што ќе се случи. Јасно, во меѓувреме инвестициите сосема запреа. Иако реакциите им се различни, заедничко на сите им е дека влијанието што Брегзит би можел да го има врз британската автомобилска индустрија е премногу длабоко за да се експериментира со одлуките.