Акцизите за горивата ќе траат најмалку до крајот на годинава
Објавено на 22 април 2020 година
Со донесувањето на уредбата со законска сила, владата ги зголеми акцизите за горивата. Но иако веќе некое време се зборуваше за ова, во јавноста сé уште не се познати деталите околу тоа како ќе се пресметуваат, до кога ќе траат и колку всушност изнесуваат новите акцизи.
Според одлуката на владата, акцизата на горивата сега е составена од две компоненти – основна и дополнителна. Основа е онаа што беше и досега – 21,692 денари за литар безоловен бензин и 15,121 денари за литар дизел. Дополнителната акциза и за двата видови горива изнесува 3 денари за литар доколку берзанската цена на соодветниот дериват е помала од 390 долари за тон бензин, односно 400 за дизел. Ако пак цената е поголема од наведените вредности но помала од 590 односно 600 долари за тон, тогаш дополнителната акциза е 2 денари за литар. Над тоа, таа не се пресметува, односно изнесува 0 денари. Исполнувањето на овие услови се проверува два пати месечно врз основа на просечните берзански цени.
Битно е и тоа дека оваа уредба со законска сила ќе се применува уште 7 месеци по престанокот на траењето на вонредната состојба, што значи најмалку некаде до пред нова година. Доколку ве интересира, берзанската цена на тон бензин моментално е околу 190, а на тон дизел 240 долари.


