Иднино, добредојде!
Концептот најавува импресивни остварувања не само како ЕВ, туку како генератор на технички иновации
Слоганот Allure (привлечност) отвора ново поглавие во историјата на Peugeot и употребата на возилата воопшто. Не се работи само за дизајнот, силата на моторите или за дострелот. Inceptoin инкорпорира технолошки модули напојувани со вештачка интелигенција која групацијата Stellantis ја развива во неколку сфери. Но, да почнеме од видливото.
Очигледно е дека Peugeot го најавува следниот чекор во својот нов, поедноставен и порафиниран дизајнерски јазик кого планира да го имплементира во својата понуда од 2025 година. Предниот дел има модуларна светлосна карактеристика која вклучува сензори и светлосни елементи со препознатливото 3-Д зголемено лого на Peugeot во центарот. Така наречената технолошка лента се протега хоризонтално по должината на вратите преку која се пренесуваат пораки на возачот и патникот додека се приближуваат.
Таа содржи многу сензори, радари и ќе прикажува информации како што се нивоата на полнење на батеријата. Бруталната форма на надворешноста е прошарана со минималистички, но извонредно функционални форми на неопходните елементи како што се светлосните групи. Овака „скоцканиот“ екстериер наговестува дека крие моќ, престиж и решенија кои се посветени на „внатрешните вредности“ ориентирани кон сосема ново искуство во употребата и престојот во внатрешноста. За тоа ќе се погрижат новите платформи кои дефинираат ново толкување на автомобилот воопшто.
Во фокусот се вештачката интелигенција, новиот кокпит и технологиите за автономно возење што ги развива групацијата. Дека се работи за автомобил и потполната посветеност на мобилност без загадување на околината покажуваат најавените можности. Тие, барем теоретски се импресивни во категоријата на перформанси на целосно електрични возила. Два компактни мотори, еден напред и еден во задниот дел напојувани од батерија од 100 kWh, се комбинирани за да генерираат моќност од 680 КС (500 kW). Забрзувањето од место до стотка се одвива за нешто помалку од три секунди.
Дури и овие податоци се во втор план бидејќи во фокус е автономијата и економичноста на идната генерација батерии која се најавува да биде во употреба во блиска иднина. Цврстата батерија со капацитет од 100 kWh ќе му овозможи на Inception Concept да помине 800 километри со едно полнење со стапка на потрошувачка на енергија од само 12,5 kWh/100 км. Покрај тоа, благодарение на технологијата за полнење од 800V за само една минута може да повлече струја за поминување на 30 км, а само за пет минути за 150 км! Предвидена е можност за безжично полнење по пат на индукција, исто како сегашните паметни телефони.
Внатрешноста во суштина е капсула оформена од стакло што го вклучува ветробранот, покривот и страничните прозорци. Самото стакло е обработено со метални оксиди (процес првично користен за обработка на визирите на шлемовите на астронаутите на НАСА) за да се оптимизираат термичките својства. Нема контролна табла, централна конзола или прегради за да се добие целосно отворена средина.
Сите внатрешни ткаенини се изработени од одржливи материјали, како што е кадифениот тапацир кој е направен од 100% рециклиран полиестер. Вештачката интелигенција во возилото ќе ги препознае возачот и патниците и ќе ги приспособи поставките за удобност како што се држењето на седиштата, температурата, режимот на возење и мултимедијалните преференции по желба на секој патник.
Поминаа само десет години од претставувањето на извонредниот i-Cockpit, а веќе се најавува неговата следна генерација. Тука Peugeot влече инспирација од видео игрите и најавува потполно нов систем за контрола. Hypersquare (хипер квадрат) ја елиминира потребата од конвенционален волан. Наместо тоа, автомобилот се вози со технологија „steer-by-wire“ и се контролира со дигитални контроли.
Hypersquare содржи екран налик на таблет со пиктогами што прикажуваат контроли за различните системи во возилото кои ергономски се контролираат со палец без да се одвојува раката од управувачкиот столб. STLA AutoDrive овозможува автономно возење на ниво 4 и кога е активирана, Hypersquare се повлекува и се активира голем панорамски екран.
Peugeot планира да има Hypersquare технологија достапна на сериските модели пред крајот на деценијата. Inception Concept ја претставува ориентацијата на Peugeot употребата на возилата да ја донесе на следно ниво во кое престојот во кабината и времето поминато во неа ќе биде квалитетно исполнето и нема да биде губење на скапоценото време само на една цел.
Воедно концептот ја најавува потполна јаглеродна неутралност до 2038 година што е втор чекор, откако до 2030 година ќе ја оствари зададената цел, сите автомобили што се продава во Европа да бидат целосно електрични.



