Херој на новата ера
Во Франкфурт 2019 година, концепт автомобилот Cupra Tavascan беше еден од најважните моменти на саемот. Сега, четири години подоцна, Шпанците ја претставија сериската верзија.
Шпанците отсекогаш успевале да се разликуваат од мејнстримот во своето петгодишно постоење, и визуелно и комуникациски. Од лансирањето на брендот Cupra продадени се повеќе од 300.000 возила ширум светот. Во првиот квартал од оваа година поставен е нов рекорд бележејќи 46.000 продажби. И глобалната експанзија продолжува. По успешниот почеток во Австралија, во моментов се во тек истражувањата и сондажите во Северна Америка. За такво нешто потребно е повеќе од добра воља, потребни се производи што се во склад со желбите и очекувањата на купувачите.
Сега е претставен вториот електричен модел кој ќе се приклучи на Born, овој пат спортско корисно возило со купеовска ориентација. Tavascan е практично идентичен со ревијалниот автомобил збогатен со неколку остро нагласени линии. Донатор на технологијата е VW ID 5 GTX. За разлика од него, каросеријата на Tavascan е поширока и подолга, но поставена на идентично меѓуоскино растојание од 2,77 метри. На остро дефинираната купе форма, која го цитира бестселерот на марката Formentor, забележливи се светли рабови и динамични контури.
Внимание привлекуваат триаголните фарови со осветлени LED триаголници, кои се достапни и како матрични светла. Мускулестата форма е украсена со осветленото лого на предната хауба. Странично гледан Tavascan има форма на кацига. Таквиот пристап го потенцира визуелното поврзување на предните и задните прозорци кои формираат панорамски ефект кој наликува на визир на кацига и го зајакнува спортскиот изглед.
Тука допринос даваат средишната линија што се издигнува кон задниот дел и линијата на покривот наведната надолу. Впечатливи се и големите лакови, во кои може да се вградат тркала до 21 инч. Во задниот дел, пак, доминира континуирана светлосна лента која ги поврзува впечатливите задни светла и во средината на која во црвено се појавува логото на Cupra. Внатрешноста е навистина спектакуларна и смело дизајнирана.
Во срцето на неконвенционалниот дизајн е сребрената централна конзола врамена во боја на бакар, обликувана со дијамантска форма и рбет што слободно лебди. 15-инчен екран на допир, најголемиот во Cupra досега, е задолжен за инфозабавните функции. Има директен пристап за поставувањето на интензитетот на звукот и климатизацијата. Алтернативно, сите поставки може да се направат и со помош на гласовна контрола.
За возачот доделен е 5,3 инчен дисплеј доволен за основните информации за возењето. Неговата мала големина треба да се компензира со AR head-up дисплејот, кој, како што е познато од браќата од групата ID, ги прикажува системите за помош на возачот, брзината и информациите за навигација директно на шофершајбната.
Шпанците секогаш биле ориентирани кон спортските форми, па сосема нормално е што Tavascan има стандардно школкести седишта направени од одржлив и рециклиран материјал. Дискретното амбиентално осветлување и украсните бакарни елементи, заедно со комбинацијата на бои од црни и метални колорити, создаваат атмосферски контраст.
Cupra се потпира на компетентноста на матичната компанија за технологијата. Врз основа на архитектурата MEB наменета за електричните возила на групацијата VW, можни се две опции на погон. Топ моделот ќе биде верзијата VZ со 250 kW, во која силата се пренесува преку погон на сите тркала и електромотор на предната и задната оска. Достапна е и варијанта со погон на задните тркала, во која електричен мотор поставен на задната оска испорачува моќност од 210 kW.
Оваа издржлива верзија би требало да може да помине до 549 километри (според WLTP) со полнење на батеријата од 77 kWh. Разбирливо е што верзијата со погон на сите тркала мора да оди до станицата за полнење со истиот пакет батерии по 517 километри. Во двата случаи, со максимална моќност на полнење од 135 kW, може да се наполни од 10 до 80 проценти за нешто помалку од половина час или за досег од 100 километри за седум минути.
Верно на имиџот на брендот, Tavascan има и спортско подвозје со прогресивно управување и активно прилагодување на амортизерите. Cupra засега не ги открива цените. Tavascan на пазарот треба да се појави следната година. Тој е дизајниран и развиен во Барселона, но ќе се произведува во кинеската фабрика на VW во Анхуи.


