Започна продажбата на Hyundai Casper

насловна Новитети

Цена под 12 илјади долари

Наречен по пријателски расположениот дух од истоимениот филм, малиот теренец плени со својот симпатичен изглед

објавенона 15 септември 2021

Проширувајќи ја надолж и попреку својата кросовер гама, Hyundai навлезе и во А-сегментот. Претставен претходно овој месец, протагонистот на марката веќе започна да се продава на домашниот пазар. Наречен Casper според пријателски расположениот дух од истоимениот филм, малиот теренец плени со својот симпатичен изглед. И покрај димензиите (должина од само 3.595, широчина 1.595 и височина 1.575 mm), тој располага со доста пространа кабина со многу практични решенија. За да го докаже тоа, Hyundai го опреми со предни седишта кои целосно можат да се преклопат нанапред. Задните седишта пак можат да се поместат за 160 mm, со што се ослободува повеќе простор во багажникот, во кој во тој случај собира повеќе од солидни 300 литри.

За пофалба е и опременоста со модерни технологии од кои некои ретко се среќаваат во оваа класа возила. Инфо-забавниот систем има екран од 8-инчи, навигација, блутут конекција и командување со глас, а инструмент таблата е дигитална. На возачот на располагање му се специјални режими на возење за тешки терени (снег/песок/кал), а за безбедноста се грижат бројни системи меѓу кои и за избегнување судир, надгледување на мртвите агли, одржување на лентата на возење и адаптивен темпомат. Casper е опремен и со 7 воздушни перничиња, вклучувајќи го и централното меѓу возачот и совозачот.

Нарачките веќе се примаат по цена од 11.860 американски долари за основниот модел опремен со еднолитарски атмосферски мотор со 75 KS. На купувачите на располагање им е уште и со турбо мотор со истата зафатнина и 100 коњски сили. И дава мотора се спарени со четиристепен автоматски менувач. Hyundai не планира да го продава овој симпатичен кросовер во Европа.