За среќа, Њујорк не е далеку
Малку по малку, Kia ни покажува како ќе изгледа новата Optima
Објавено на 27 март 2015 година
Она малку сфатете го буквално, затоа што по двете скици Kia во духот на „добрата” далекуисточна традиција сега објави цели три реда текст и една фотографија од новата Optima, која своето деби ќе го има во Њујорк. Сепак и таа една единствена фотографија ни е доволна за да го искоментираме дизајнот на најпродаваниот модел на Kia во САД, кој инстантно препознатлив сепак е доволно освежен за да го носи префиксот нов. За тоа можеби ќе придонесе и задниот дел кој не се гледа на фотографијата, но на скиците Kia Optima е претставена повеќе како купе со четири врати отколку како седан со купеовски спуштен заден дел како што е сега. Во трите реда од соопштението на Kia за новата Optima се споменуваат уште и попространиот ентериер, за класа повисоките премиум особености, бројни нови технологии кои досега не се нуделе во овој модел и избор од повеќе мотори.
За среќа Њујорк не е далеку (мислиме на салонот на автомобилите, а не на градот), па веќе идната недела ќе знаеме повеќе за овој одличен, но целосно потценет модел на Kia во Европа, од кого лани се продадоа едвај 3.409 примероци. За разлика од Стариот, на Новиот Континент Kia продаде 166.428 возила од овој модел, а во целиот свет скоро двојно повеќе.