VW T-Cross – Свеж стил и подобрен ентериер

T-Cross е визуелно и технолошки подобрен да остане успешен во натрупаниот сегмент

Една од најконкурентните категории возила е сегментот на мали кросовери. VW има силен адут кој е одлично прифатен на пазарот. Теренскиот брат на Polo постигна завидни резултати на глобалниот пазар.

Покрај нам познатото име T-Cross, на пазарите надвор од Европа се продава како Tacqua и Taigun и до своето деби во 2019-та забележа 1,2 милиони продажби. VW сака продажбата да оди по нагорна линија, па најмалиот кросовер од својата гама го обнови давајќи му свежи стилски цитати и реновиран ентериер. Предводник на претставувањето е најопремената едиција R-Line.

На предницата се забележува пошироката маска на ладилникот врз која хромот е сменет со LED лента во целосна ширина и ги поврзува LED Matrix фаровите. Редизајнираниот браник доби помодерни странични отвори во форма на триаголник. Додатоците за браникот во боја на каросеријата се специфични за врвната изведба, додека пониските спецификации добиваат повеќе пластична обвивка.

Контурата е непроменета но треба да се напоменат новите 16 и 17 инчни алуминиумски тркала како и триото нови бои. На задмиот дел акцентот е впечатливата LED графика во форма на Х на стоп светлата и, како на предницата, LED лентата. Долниот дел од задниот браник исто така е ревидиран и ги крие издувните цевки. Во внатрешноста промените се поочигледни, бидејќи целата контролна табла е редизајнирана.

Тврдата евтина пластика, која беше најслабата точка е заменета со помеки и, според VW, „значително поквалитетни“ материјали. Технолошкиот аспект е соодветно надграден со нов дигитален кокпит. Дигиталната инструмент табла сега доаѓа стандардно, иако нејзината големина се движи помеѓу 8 инчи и 10 инчи во зависност од нивото на опременост. Инфозабавниот центар доби ажуриран софтвер. Екранот на допир е поставен повисоко со димензии 8 инчи или 9,2 инчи.

Контролите на климата кај опционалниот Air Care Climatronic се со лизгачи на допир наместо со ротирачки копчиња. Последно, но не и најмалку важно, малиот кросовер сега е опционално достапен со ADAS. VW се гордее со практичноста на T-Cross. Тој има лизгачка задна клупа и флексибилен багажен простор кој се движи помеѓу 385 и 455 литри. Зголемена е можноста за оптоварување на покривот. Сега носивоста е 75 кг што е за 20 кг повеќе отколку порано.

T-Cross ја има веќе познатата моторизација и не доби никакви електрифицирани опции за разлика од повеќето негови ривали. Турбо бензинецот 1.0 TSI со три цилиндри е достапен со 95 или 115 КС, додека помоќниот 1.5 TSI со четири цилиндри има 150 КС.

Во понудата задржани се пет и шест степените мануелни менувачи како и 7 степениот DSG кој е стандарден кај најмоќната варијанта. Пазарното лансирање на освежениот VW T-Cross е закажано за првиот квартал на 2024 година.

 

 

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER