VW – Golf R Variant

насловна Новитети

Брза варијанта

Караваните не се само практични туку стануваат и статус симбол

објавено 28. септември 2021

Со лансирањето на верзијата „R“ караванската верзија на Golf доби најбрз претставник кој се придружи на семејството спортски верзии на VW. Аналогно на хечбек моделот, врвната верзија на караванот е опремена со 2.0 TSI турбо-бензински мотор, кој со 320 КС извлекува 20 КС поголема моќност и исто така го зголеми вртежниот момент од 420 за уште 20 Nm. Моќта стигнува до патот преку специфичен седум брзински менувач со двојна спојка и стандарден погон на сите четири тркала со векторирање на вртежниот момент R-Performance.

Спринтот од нула до 100 км/ч трае 4,9 секунди, а максималната брзина е електронски ограничена на 250 км/ч. Опционалниот пакет R-Performance исто така овозможува нешто поголема максимална брзина од 270 км/ч. Во него се вклучени 19-инчни тркала и профили за возење на патека, режим именуван по легендарниот Нурбургринг и можност за дрифтање во режимот Powerslides. И покрај спуштената спортска суспензија и дизајнот за трки, секојдневната соодветност и варијабилност се задржани. Волуменот на багажниот простор е 611 до 1.642 литри со склопен втор ред на седишта. За прв пат, постои дури и опционална спојка за приколка за Golf R Variant со дозволено оптоварување на приколка тешка до 1,9 тони.

Новиот Golf R Variant носи и типични R ознаки како што е предниот браник со сплитер и страничните крилја како елемент за контрола на воздухот. Кога се гледа странично, погледите ги привлекуваат проширените прагови во боја на каросеријата. Задниот браник специфичен за моделите со ознаката R има дифузер обоен во црно со висок сјај и спортски систем за издувни гасови со две хромирани двојни цевки. Новата Golf R Variant е опремена стандардно со нов мултифункционален спортски кожен волан и спортски седишта со сини R логоа на интегрираните потпирачи за глава. Специфичен Р-дигитален кокпит-про нуди ексклузивни карактеристики како нов, хоризонтален индикатор за брзина на горниот раб на целосно дигиталниот дисплеј и тајмер за мерење на времето на тркачка патека.

Како и кај сите Volkswagen возила, новиот систем за инфо-забава MIB3,  е вмрежен преку Интернет и обезбедува поврзување со разни услуги на сопствениот екосистем на брендот „Volkswagen We“. Постои избор од три бои: типичен R „Lapiz Blue Metallic“, потоа „Pure White“ и „Deep Black Pearl Effect“. Во Германија Golf R Variant се нуди по цена од 51.585 евра.