На средината на годинава актуелната генерација 208, која стапи на сцена 2019-та, беше редизајнирана. Тоа беше добар повод за возење, но и да видиме што е ново кај најмалиот модел во понудата на компанијата во почетното ниво на моторизација и опременост Active.
На прв поглед
Најновата верзија на 208 доби остар изглед инспириран од останатите модерно обликувани модели на Peugeot. Сега малото лавче доби остри канџи што ќе му требаат за шармирање на купувачите во сегментот на мали автомобили што не е лесна задача.
Имено, малите автомобили останаа популарни, но нивната цена сега е повисока, па борбата за освојување на делот од колачот се заострува. Ќе почнам по обратен редослед и веднаш забележувам она што не е променето. Тоа е чувството за стил на каросеријата и внатрешноста. Да, 208 доби поголема насмевка на лицето, повеќе LED светла, но задржан се стилот преку кого и без да се види амблемот јасно ви е дека тоа е Peugeot.
Малите автомобили како Peugeot 208 се синоним за брендот, особено иконата 205. Затоа направени се неколку зафати што со редизајнирањето 208 помалку го буди духот на неговиот легендарен претходник. Тоа најмногу се гледа на задниот дел каде се намалени стаклата, особено на поклопецот на багажникот, па сега каросеријата со пет врати ја има острината и спортски отпечаток типичен за возило со три врати.
Сепак главен збор водат светлата инспирирани од канџите кои доминираат во веселите образи на автомобилот, а има и нови LED светлосни групи напред и назад. Тоа го прави еден од највпечатливите модели во класата. Мал е, но со став и сложени детали што го прават да изгледа навистина блескаво дури и како модел во почетно ниво на опременост.
Во внатрешноста
Повеќе од јасно е дека на пазарот присутна е силна конкуренција, па дури и од сестринските марки на групацијата Stellantis. Влезното ниво на опременост нема многу чаламџиски елементи, но интериерот е убав и срамежливо гламурозен.
Интериерот е едноставен, воедно класичен и модерен. Таквиот впечаток ја дава аналогната инструмент табла и новиот 10 инчен екран на допир со јасна графика кој безжично реагира на Apple CarPlay и Android Auto.
Тапацирите на седиштата се на висина на задачата со контрасни шевови, а атмосферата ја заокружува низата прекинувачи. Има доста површини за одложување на дребулии, но штета што ниту една не е покриена. Сепак, навикнати сме некои ситници да оставаме во автомобилите, но не сакаме тие да бидат воочливи.
Бидејќи се работи за редизајн не се сменети пропорциите на кабината, па се повторува заклучокот дека на задната клупа, која патем речено е удобна и привлечна, отсуствува простор за колената. Сепак ова е мал автомобил од кого не треба да се очекуваат чуда. Двајца возрасни нема да имаат проблеми да се сместат удобно на предните седишта.
Малиот извлечен волан, барем во мојата позиција на седење го блокира погледот кон некои од инструментите. Помеѓу предните седишта нема потпирач за раце кој би го покрил големиот простор за складирање.
Каков е за возење Peugeot 208?
Иако зборуваме за најниското ниво на опременост и моторизација, Peugeot ја задржува својата препознатливост во возните својства за кои не треба многу да се зборува.
Традиционална е избалансираната синергија на удобност и меко потпирање со прецизно и бескомпромисно однесување на патот, па во свиоци со 208-ката е вистинско задоволство растеретено да се вози. Потпирањето е скроено лесно да ги прифаќа страничните оптоварувања, кои ги нема многу во оваа изведба, а иако е трицилиндарски мотор и произведува само 75 коњски сили, во ниту едно сценарио не се однесува латентно.
Впрочем изнендаува еланот кого го искажува моторот и пет степениот мануелен менувач. Иако немав можност долго да го возам впечатокот ми е позитивен. Ова не е автомобил од кого ќе врескаат патниците од страв кога ги возите низ свиоци, ниту е снагатор на градскиот асфалт. Ова е одлично избалансирано возило кое ќе ви овозможи удобство на користење на пат и агислност во урбани услови. Механичките склопови функционираат меко, управувањето е прецизно, трите цилиндри се тивки, преносите на менувачот одат „како по путер“ па користењето на 208-ката ќе ви пружи високо култивирано корисничко искуство.
За жал, на ниските утрински температури и кусите градски релации потрошувачката е дискутабилна, подеднакво како периодот во кого немав многу време да го дегустирам Peugeot 208 1,2 Pure Tech Active. Борд компјутерот пријави просек од 8,1 литар на изминати 100 км, кои, да бидам искрен, не ги поминав. Се надевам дека повторно ќе имам рандеву со овој модел за да го извозам како што треба.
Со цена од 16.990 евра Peugeot 208 1,2 Pure Tech Active нуди добро ниво на опременост содржано не само со естетски туку и со безбедносни пакети. Гаранцијата од пет години или 80.000 км ги задоволува потребите на просечниот македонски возач, па дури и на флотните корисници. Преку Шпаркасе Лизинг најмалото лавче е достапно со 20% учество во висина од 3.398 евра и месечна рата од само 211 евра на период од 84 месеци.
Заклучок
Стилски созреан, технички поткован, Peugeot 208 1,2 Pure Tech Active делува сосема привлечно. Можеби подобар надворешен впечаток ќе остави доколку има алуминиумски тркала наместо челични со радкапни. Мене многу ми се допадна играњето со класичните остварувања и модерното. Сепак аналогните инструменти даваат едно поинакво чувство. Можеби „милениумците“ и дигиталните фрикови нема да се сложат со мене.
Шармот на избалансираноста е силната страна која подеднакво може да биде привлечна за рационалните и помодарските возачи.