Sorento веќе шармираше со својата вредност и практичност, но KIA јасно ја почувствува потребата да направи повеќе со ажурирањето.
Влијанието на EV9 се шири низ гамата на KIA. Промените се суптилни, но направија Sorento да делува помодерно. Гломазна појава е задржана и покрај напорите да се насочи вниманието на новиот дизајн на хаубата и различен заден спојлер, со јасно форсирање на премиум акредитиви.
Целата надворешност делува уредно, сразмерно, а тенките LED светла даваат свеж стил наследен од KIA EV9. Сега Sorento е повеќе фокусиран на технологијата во кабината и, она што е многу важно за многу пазари, е задржувањето на дизелскиот мотор во понудата.
Во кабината
Најголемиот технолошки додаток во ажурираниот Sorento е инфозабавниот систем со екран на допир, кој сега е преточен во широк заоблен дисплеј кој опфаќа речиси половина од контролната табла.
12,3 инчниот екран на допир се наоѓа покрај дигиталната инструмент табла создавајќи речиси беспрекорна целина, а има практична полица под која можете да ја потпрете раката за да ја олесните употребата во движење. Тука е додадена нова дигитална контролна лента за климата и аудиото, иако централната конзола останува непроменета. Сето тоа значи дека има многу копчиња што го олеснуваат животот кога возите и ве поштедуваат од „орање“ низ бескрајните менија на екранот на допир.
Оперативниот систем е подобар од порано, јасен е и лесен за користење. Остатокот на кабината не е променета. Сѐ делува убаво, со правилно избрани еколошки материјали и робусни контроли. Просторот во кабината остана идентичен, така што има исто огромно количество простор во предниот и средниот ред, а третиот ред е прилично искористлив, за разлика од некои теренци со седум седишта.
Просторот за багаж од 809 литри е сè уште огромен во конфигурацијата со пет седишта, додека скромните 175 литри, кога седумте седишта се во функција, е разбирлив. Она што на мене остави силен впечаток е удобноста на возачкото седиште.
Покрај вентилирањето вметната е и масажа која можете селективно да ја прилагодите да делува на различни дрлови од телото.
Возејќи го Sorento?
Пред точно три години го возев тогаш новиот Sorento. Погонот кај ажурираната верзија остана ист.
Четири цилиндрскиот турбо дизел испорачува 198 КС кои се распоредуваат на сите тркала преку осум степен автоматски менувач со двојна спојка. Оваа комбинација е благотворна во сите сценарија на возење. Начинот на повлекување и спокојт што се пренесува на патниците е извонредно погоден на долги растојанија.
На тоа допринесува солидната звучна изолација. Велам солидна, бидејќи при поголеми брзини гломазните ретровизори генерираат бучава. Четири-цилиндерот работи култивирано и звукот останува дискретно во позадина дури и при голема брзина. Покрај тоа, моторот рано ја расплетува својата моќ, која е достапна во широк опсег на преноси.
Осумстепениот менувач со двојна спојка импресионира со мазни, но брзи процеси на менување и секогаш го избира соодветниот пренос при забрзување. Возачот може да избере помеѓу различни програми за возење. Ако се префрли од „удобно“ во „спорт“, Sorento ги затегнува мускулите и гo форсира 440 Nm силен вртежен момент на двете оски.
Управувачот реагира подиректно и укрутената амортизација одговара на предизвикот. Sorento првично е релаксиран крстосувач и е пријатно удобен за возење. На автопат безгрижно лизга низ километрите, се однесува зрело а со погонот на сите тркала има дополнителни теренски програми за возење по кал, снег или песочна подлога. Амортизацијата е удобна и многу уредно ги впива нерамнините.
Во урбаните средини Sorento, во инает на пропорциите, е доволно лесен за возење, но сепак е голем стар ѕвер. Да, тој е голем и тежок, но лесен е за маневрирање. Просечната потрошувачка од 9,4 литри на сто километри не е за пофалба, но е прифатлива.
Што нуди Sorento?
Со оглед на тоа што промените на каросеријата се естетски, а не структурни, новиот изглед на Sorento го наследи рејтингот со пет ѕвездички на својот претходник оценет од Euro NCAP.
Новиот модел е подеднакво способен, ако не и повеќе во секоја област, од заштита на деца, на патници до технологија за безбедносна помош. Списокот на достапни технологии за помош на возачот е долг, со вклучени системите за напуштање лента и автономното итно сопирање што може да го запре возилото доколку возачот не реагира на опасност. Стандардно е вклучен систем на камери како и помош за избегнување слепа точка.
Возениот модел во ниво на опременост Executive го оправдува името. Богатата опременост во кабината е одлично дотерана и дава впечаток дека сте во премиум теренец. Добро, колку тоа чини? Цената изнесува 64.950 евра. Преку Шпаркасе Лизинг купувањето е далеку полесно. Со учество од 18.550 евра, на 72 рати месечната отплата изнесува 850 евра.
Кога ќе го отплатите Sorento, ви останува уште една година гаранција на возилото.
Заклучок
KIA со ревидираниот Sorento ја покажува сета своја зрелост и подготвеност не само да одговори на барањата на купувачите, туку и да им понуди поголемо задоволство во употребата на големиот теренец. Овој модел продолжува да биде добра алтернатива на премиум теренците.
Доближувањето на изгледот на предницата до електричниот џин EV9 е успешно направена додека корисничкото искуство остава силен впечаток. Само прашање е колкумина ќе можат да си го дозволат ова задоволство?