Возевме – BMW iX50

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin

Враќање во иднината!

Новата генерација електрични возила предводена со iX го враќа BMW во игра!

објавено 8 ноември 2021

Пред неполна деценија BMW беше еден од водечките во индустријата во електрификацијата меѓу премиум автомобилските брендови. Баварците вложија милијарди во програмата „i“, иновативен подбренд одговорен за развој на електрични возила, истражување на иновативни производствени процеси и намалување на тежината преку широката употреба на алуминиум и напредни материјали како пластика засилена со јаглеродни влакна.

Што е iX?

Тој е еден од најважните нови модели на BMW во последните години. Со електро погон од петтата генерација eDrive на марката и нова архитектура насочена кон EV, која ќе ги поткрепи претстојните модели на BMW, iX служи како преглед на она што ќе дојде од Минхен. iX е всушност изложба на најмодерната технологија со најнови инфозабавни системи, системи за помош на возачот, напредни материјали како и возни својства кои даваат сосема нова перспектива завиткани во радикална форма на каросеријата. Со ова баварците сакаат да се вратат на позицијата која ја имаа со првенците i3 и i8. Поставен на нова платформа инспирирана од Х5, моќни електро-мотори, батерии од последната генерација и високо ниво на завршна обработка iX го презентира потенцијалот што го имаат баварците.

На прв поглед

Сега BMW е подготвен за соочување со Audi e-tron, Mercedes-Benz EQC и Tesla Model X. Многу прашина се крена кога се објавија првите фотографии на iX. Сите критики се однесуваа на предимензионираните „бубрези“, заштитниот знак на марката, кои претенциозно се зголемени. Многумина го ставија во категоријата „грди“ дизајни на предници. На првата средба во живо овие критики се покажуваат како паушални. Точно е дека маската е масивна, но таа му прилега на електричниот кросовер. Заедно со тенките фарови формираат целина која неможе да ја сретнете кај ниту едно возило. Едноставно, iX покажува дека во многу нешта се разликува од сите други конкуренти. Тоа и му доликува на пионерот на електрификацијата меѓу премиум марките. Стилот е препознатлив, со чисти робусни површини мајсторски вкомпонирани со светлосните групи и пониската контура. Дури и на прв поглед, електричното спортско-корисно возило долго 4,95 метри и широк речиси два метри со тркалата до 22 инчи бележи скулптурална фигура. Монолитната интерпретација на возилото за сите активни ја меша надворешната должина и ширина на X5 со висината на X6 и димензиите на тркалата на X7. Тоа и помага на аеродинамиката која бележи рекордно низок коефициент на отпор на воздухот (Сх 0,25) за овој тип возила и е подобра од онаа на Х6 (0,34). Целината формира импресивна појава која е филигрански дотерана со исклучително рамни LED предни и задни светла, како и вградени електрични отварачи на вратите. Дизајнот не е толку застрашувачки како што може да изгледа на сликите, но јас би го нарекол карактеристичен и привлечен. Ќе се вратам на толку критикуваната маска на предницата.

Бидејќи нема потреба од класично ладење на погонскиот склоп, таа е во целост изработена од полиуретански влакна кои имаат моќ на „само заздравување“. Имено, ако маската се изгребе, во рок од 48 часа самата се регенерира и од гребаницата нема да има трага. Времето на регенерација се намалува за 24 часа кога температурите се повисоки, а со помош на фен обновувањето на површината се намалува на само 20 минути! Ова е прв чекор во аплицирање на паметни материјали во едно сериско возило, а во догледно време може да очекуваме оваа технологија да се аплицира на целата каросерија. Тогаш злобните „гребачи“ на возила ќе може да си ги задоволат ниските страсти, а сопствениците нема да се нервираат. Лоша вест за викенд мајсторите и љубопитните… Бидејќи е возило за иднината хаубата на iX не може да се отвори! Таа привилегија ќе ја имаат само вработените во сервисите кои ќе се посетуваат на две години или на секои 50.000 изминати километри. На сопствениците има останува само преку знакот на хаубата, кој се подига, да дотураат средство за миење на ветробранско стакло.

Внатрешна убавина

Кога се зборува за интериерот приказната се менува. Во него се препознаваат традиционално пуртанскиот дизајн со нагласен минимализам и футуристички решенија. Иако објаснувањето е помалку конфузно, на дело тоа функционира перфектно! Пред сé внатрешноста има многу простор. На задната клупа како да седите во луксузно опремена дневна соба каде акцентот е ставен на удобноста. Од со кожа тапацираните седишта до кристалните копчиња и копчињата обложени со керамика, внатрешноста делува раскошно. Оваа констатација ја засилуваат двата големи екрани, аудио системот и сите конективните технологии кои престојот во кабината го носат на ново, повисоко ниво. Покрај природните материјали за опремување се нудат уште две опции за тапацирање со микрофибер во комбинација на ткаенина изработени од рециклирани материјали и вештачка кожа Sensatec. Новите предни седишта пружат врвно удобство, а нивните интегрирани наслони за глава се решение како кај спортските возила. Дури и седиштата ги најавуваат перформансите.

Технологија и луксуз

Иако се чини дека е еден долг дисплеј, тоа се всушност два различни прикази. Пред возачот е 12,3-инчен дигитален дисплеј во улога на инструмент табла и приказ за сите функции поврзани со возењето додека централниот екран на допир е од 14,9 инчи. Тие се поставени рамо до рамо и покриени со едно парче стакло. Дисплејот е светол и кристално чист, а новиот iDrive 8 на BMW (iX е првото BMW што го доби iDrive 8) е драматично подобрување во однос на претходните верзии. Сфатив дека системот е лесен за навигација, одговорен и полн со менија кои му дозволуваат на возачот да го постави возилото да работи според неговите преференции. Дисплеите изгледата многу уредно и слободно, но првично е потребно малку време за да се запознаете со екранот и логиката на работа. Доколку е потребно, продолжениот личен асистент е достапен за помош и советување и тоа на природен јазик. Сето тоа работи со нова генерација оперативен софтвер, дизајниран за поврзување со 5G, блиска интеграција со апликациите за паметни телефони и многу персонализација. Се чувствува како голем чекор напред од остатокот од гамата на BMW. Новиот дизајн на предните седишта го има своето деби во iX, со интегриран потпирач за глава. Шемата на бои се протега на вратите и контролната табла и изгледа сосема различна од она што BMW го правеше во минатото. Некои од прекинувачите се направени од кристал како што се ротациониот лизгач за iDrive и селектрот на менувачот, во средната конзола на автомобилот или пак прекинувачите за подесување на седиштата лоцирани на внатрешниот бок на вратите. Пред возачот е сосема нов дизајн на воланот во форма на заоблен шестоаголник и, иако делува „сомнително“, се покажа како ергономски, функционален и овозможува одличен поглед на инструментите зад себе.

Каков е iX да се вози?

BMW iX е поставен на три метри долго меѓуоскино растојание во кого се сместени батеријата од 112 kWh и двата електро-мотори на секоја оска по еден. Задниот мотор е посилен од предниот, па поради неговите димензии багажниот простор бележи 500 литри што е помалку од Х5, но доволни се да ги исполнат потребите. Вкупната тежина надминува 2,6 тона од што добри 800 килограми отпаѓаат на батеријата и моторите. Тоа е многу, но е цената на компромисот кај електричните возила со батерија. Лесно е да се фокусирате на сериозно импресивните бројки и да го процените iX според нив, но тоа секако не е доволно. Верзијата xDrive50 што ја тестирав има максимална моќност од 516 КС и 765 Nm што укажуваат дека седите на вулкан! И покрај огромната тежина на iX, тој може да постигне 0-100 км/ч за 4,6 секунди, а BMW разумно ја ограничува максималната брзина на 200 км/ч. Уште повеќе, со 180 км/ч веќе прикажани на брзинометарот, сè уште има жестоко забрзување само со допир на педалата. Воедно, во модусот на возење „Battery“ изразена е рекуперацијата. Тогаш со секое одземање на забрзувањето изразено се полнат батериите користејќи ја енергијата од сопирањето за надополнување. Можете дури и да се поигрувате бидејќи перформансите му се рамни на изведбите со легендарното М! Очигледно, таквите брзини се ирелевантни за повеќето други делови на светот, но тоа покажува колку без напор електричниот погон на iX може да го движи својот робусен волумен. Но, веќе сме навикнати на смешни бројки за перформансите од електричните теренци со високи перформанси, нели? Поимпресивен од сето тоа е начинот на кој се вози iX. При максимална брзина, единствениот забележлив шум е воздухот што се исфрла од патот. Бучавата од патот е морничаво отсутна, а електричните мотори исто така тивки. Дури нема шум од стаклата на вратите кои немаат рамка. Мора да се признае, германскиот асфалт е генерално мазен и тивок, додека понудените тест автомобили со високи спецификации беа опремени со опционални тркала од 22 инчи и специјални пневматици кои имаат лесен материјал од пена. Ова ја менува осцилацијата на воздухот во гумите, намалувајќи ја бучавата што ја слушаат возачот и патниците. Rolls-Royce користи слична идеја за својот Phantom и е исплатлива инвестиција ако планирате многу да го возите вашиот iX на автопат.

Многу сила и секавични перформанси

Обично перформансите се обратно пропорционални од економичноста, па одговорот на вечното прашање (колку троши?) го дава ефикасноста и енергетскиот капацитет на електричниот систем на iX. Батеријата е масивна, оценета со употреблив капацитет од 105,2 kWh. На циклусот WLTP, iX M50 може да помине помеѓу 549 и 630 километри со целосно полнење со потрошувачка на енергија од 23,0-19,8 kWh/100km. Во поминатите околу 400 километри со iX50, каде што понекогаш ги користев сите негови перформанси, ги испробав сите режими на возење. Добар дел од рутата се одвиваше низ Баварските и Тиролските Алпи, по планински патишта исполнети со свиоци, успони и надолнини. Впечатокот што го добив е дека iX е скроен да има простор како Х5 и возните својства да му се рамни на серија 5. Добро, не баш рамни. Иако тешките батерии се сместени во подот на возилото и даваат ниско тежиште, тежината го прави своето. Наклонувањата се мали но при динамично возење се јавува „завлекување“ кое го „пеглаат“ приспособливото амортизирање и воздушната суспензија. Неможе да биде возачки привлечен како спортските седани на BMW, но сепак е неверојатно способен добро да се справува со прекумерната тежина, има одлична контрола на каросеријата, тркалата и добар баланс. Инерцијата се чувствува само ако погрешно ја процените брзината во свиоци и мора да ги употребувате сопирчките додека вртите. Во спротивно возилото оди таму каде што сакате. Управувањето со променлив сооднос, вградено на сите iX стандардно, навистина му одговара, правејќи го да се чувствува поагилен низ урбани средини и низ тесните кривини. Спротивно на тоа, малите движења со воланот при поголеми брзини не резултираат со нагли промени во насоката. Интегралното активно управување и на задните тркала е опционално и го препорачувам особено во урбани средини. Ова суптилно го подобрува целото искуство, повторно правејќи го iX да се чувствува агилен и лесен за маневар при мали брзини, додека ја зголемува стабилноста при промена на лентата со голема брзина и свиоци. Без обзир кон економичноста, не го штедев електричниот Баварец користејќи го сиот потенцијал. Во просек истрошив 22 kWh/100 km што во пари би било околу 140 денари со кои може да се купи два литри нафта. Тоа е охрабрувачки. Батериите имаат способност да повлечат до 200 kW што овозможува за само 10 минути да се дополни за следни 120 километри или 35 минути да ја наполни батеријата до 80%.

Покрај динамичноста и луксузот…

Големо воодушевување се конективните технологии кои функционираат совршено. Тоа се должи на вградување на процесори кои се 20 пати посилни од досегашните. Сите функции се одвиваат флуидно додека навигацијата има извонредни графички прикази. За голема пофалба е рефлектирањето на податоците на ветробранското стакло кое му дава на возачот голем приказ на бараните податоци во боја без компромис во квалитетот на графиката. BMW се гордее со iX и со најголемата група асистенти на возачот што некогаш биле користени во нов модел. За прв пат, системот за предупредување за судир го детектира сообраќајот од спротивната страна при вртење налево и велосипедистите и пешаците кога вртите десно. Со опционалните системи, активната контрола на управувањето со „stop & go“ сега нуди подобро поставување на растојанието. Умниот iX следејќи го сообраќајот преку еден куп ултразвучни сензори и радари може автоматски да застане доколку тоа е потребно, а потоа да тргне и да го следи токот на колоната. Ново во понудата се и предупредување за излез, кое укажува на велосипедисти и пешаци во близина на возилото пред да се отворат вратите.

Тешка беше разделбата наша

iX50 е вистинска ризница на перформанси, напредна технологија, раскош, високо ниво на завршна обработка, задоволство во возењето и престојот во кабината. Со воведувањето на електромобилноста се доживува експанизија на сила, но за класичното уживање во возењето што е типично за марката го нема важниот зачин во автомобилизмот познат како – звук. Баварците треба целосно да го редефинираат iX, па и своите идни електрични модели како неми вулкани. За оние што сакаат електро погонот да има звучен потпис BMW го ангажира повеќекратниот оскаровец, композиторот на филмска музика Ханс Цимер. Секоја чест на заслужените Оскари, но тука ќе се воздржам од коментар. Само на кратко ќе кажам дека компнираните звуци не ми легнаа. Можеби тоа ми олесни да се разделам по два дена возење од феноменалниот iX50. Ме радува дека во втората половина на декмври ќе го видам во салонот на Мак Кар кога ќе се знае и цената. Во Германија iX50 се продава од 98 до 130 илјади евра.

 

Сподели

Последни новости

Најнова епизода

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 90.00 ден
  • еуросупер 98 - 92.00 ден
  • еуродизел Д5 - 90.00 ден
  • течен нафтен гас - 53.00 ден
  • метан - 161.50 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER