Шведски магнет
Модерната гама на Volvo е вистински магнет – не само за гледање, туку и за возење
Објавено на 3 април 2019 година
автор: Зоран Коцев
После ланското стартување како нов импортер на Volvo за Македонија, Премиум АГС ги засилува своите активности. Меѓу првите беше планирано новинарско тест возење на гамата со цел нејзино поблиско запознавање. На располагање ни беа кросоверите XC40 и XC60, новиот V60 и претставителниот S90. Дестинација беше Струмица а рутата нé водеше на одење преку Штип, на враќање преку Дојран. Така имавме можност да видиме како возилата на Volvo се однесуваат на сите видови патишта, во различни услови на возење.
Тргнавме со автомобилот на 2018 година во Европа, со трицилиндричен бензински мотор со 156 коњи. Интересен заради својата стартна цена од 36.600 евра, тој го привлекува вниманието на купувачите со својот младешки шарм и компактните димензии. Ние веќе се имаме запознато со него, но тој сега уште еднаш ни ја потврди својата практична страна. Лесно ги голта дупките на оштетен коловоз, а динамиката на возење сосема задоволува. Седењето е по мерка, исто како и габаритите при паркирање. Се префрливме во неговата најскапа дизел верзија, чија опременост далеку ја надминува класата на која припаѓа. Акцентот секако е ставен на безбедноста, која за Volvo е императив што компанијата го докажува со напорите за две години никој да не загине или биде сериозно повреден.
Тоа веднаш се забележува со присуството на бројните електронски системи кои ги воведе поголемиот XC60. Тој лани беше прогласен за автомобил на година во светот но и за најбезбеден во историјата на EuroNCAP тестирањата. Неговото пристигнување на пазарот го најави новото дизајнерско изразување на марката, чија еволуција директно можевме да ја споредуваме гледајќи ги возилата што ги имавме на располагање. А меѓу нив S90 беше најмаркантен. Тешко беше да се дојде на ред за возење на шведската лимузина, макар и на кратко. Секој сакаше да ги проба комфорот и возните својства на автомобилот што ги руши предрасудите околу поврзаноста на квалитетот со земјата на производство.
Најинтересен за нас беше најновиот модел во понудата на Премиум АГС, караванскиот V60. Оваа каросериска форма некако им прилега на возилата на Volvo. Големата задна врата која како и кај останатите е електрично задвижувана, крие багажник во кој стандардно собира 529 литри. Седиштата се малку ниски за наш вкус, но со одлична ергономија и воопшто не заморуваат во возењето. При поголеми брзини V60 не се согласува најдобро со неквалитетен асфалт, што донекаде е во согласност со неговата семејна ориентација. Дизелот од 150 коњски сили со кој беше опремен му обезбедува добри перформанси и солидна економичност, а кој сака повеќе ќе почека уште малку на хибридната верзија.
Таа е само една од повеќето вакви модели, чие пристигнување се очекува наскоро. Од плановите за блиска иднина од Премиум АГС нé информираа и за новиот центар, чие отворање ќе се случи за месец и половина. Ќе се подобри и пост-продажната поддршка за новите возила, за кои сервисните интервали се продолжени на 30.000 километри. Сегашните сопственици пак, веќе ги користат бенефициите во поглед на намалената цена на услугите. Сето ова е дел од активностите што увозникот на Volvo кај нас, како што нѝ беше кажано, постојано ќе ги интензивира.