Рекордни и импресивни резултати
Volvo не изложуваше во Детроит, а нема да се појави ниту во Женева. Затоа место за нови модели, од Шведска пред големата автомобилска смотра пристигнуваат вести за остварените резултати во 2018-тата
Објавено на 18 февруари 2019 година
А тие се рекордни и импресивни во секој поглед. Компанијата лани има произведено 642 илјади автомобили, што е за 12,4 отсто повеќе отколку во 2017 година. Приходите се покачија за 30 отсто на 24,3 милијарди евра, а просечната цена на продаден автомобил за дваесеттина отсто. Но профитот кој достигна милијарда и 370 милиони евра се зголеми за само 0,9 отсто, а оперативната маржа се намали од 6,7 на 5,6 проценти. Затоа и првиот човек на Volvo Хакан Самуелсон рече дека иако во согласност со очекувањата, резултатите не ги задоволуваат нивните долгорочни амбиции. Тој најави дека ќе продолжат да ги зголемуваат капацитетите и да ја засилуваат производствената програма. Еден од новитетите што треба да ги очекуваме е V40, кој сега е најстар во гамата. Според најавите нема да добие директен наследник, туку ќе биде заменет со нов каросериски облик. Каков не е познато, но не треба да изненади ако тој биде во купе-кросовер форма. Доколку е така, дизајнот би му бил инспириран од концептот 40.2 од 2016 година. Ќе ја има платформата од XC40 и скоро сигурно ќе биде понуден во плаг-ин хибридна и електрична верзија.
Volvo ќе запре со производство на сегашниот V40 годинава, а кога точно ќе се појави неговиот наследник не е најавено. Овој модел и понатаму ќе остане најмал во понудата на шведскиот производител.