Поголем од претходникот
објавено на 19 февруари 2022
Volkswagen продолжи со најавувањето на новата генерација на Amarok, кој ќе биде заснован на новиот Ford Ranger. Затоа и не треба да чуди што овој пикап ќе биде поголем од претходникот, бидејќи и двете возила уште од старт така се замислени и изведени. Конкретно, новиот Amarok ќе биде за десетина сантиметри подолг и поширок и ќе нарасне на 5,35 метри. Но тоа не значи дека сето зголемување ќе биде искористено во кабината – оставено е малку простор и во носот за таму да може да се смести поголем мотор. Засега не е прецизирано кој бидејќи и досега Amarok имаше V6 TDi агрегат, кој можеби и ќе биде заменет.
Порастот на димензиите ќе донесе и друга предност – една еуро палета товар ќе може да биде сместена над задната оска. Што значи ова знаат оние кои овој и сличните пикапи од истата еднотонска категорија ги користат за работа, а не за авантури по беспаќата. Но ниту тие нема да бидат заборавени, затоа што Amarok ќе продолжи да напредува кон премиум предзнакот. Во тоа ќе му помогне и впечатливиот дизајн за кој некои веќе се изјаснија дека ќе биде спектакуларен.



