Во фокусот
За да остане во фокусот на купувачите кои сé повеќе се свртуваат кон кросоверите, Volkswagen детално го обнови Passat
Објавено на 7 февруари 2019 година
Новата верзија на Volkswagen Passat за Северна Америка ја задржа платформата од досегашната генерација, но доби сосема нов дизајн. Од лани претставениот Touareg презеде мноштво визуелни елементи, вклучувајќи ги маската и светлата. Долниот дел од браникот вешто вклопен во целокупниот изглед додава малку агресивност на развлечените линии, кои укажуваат дека е за десетина сантиметри подолг од европската верзија. Задниот дел е елегантно воздржан и наликува на оној од Jetta. Таква е и внатрешноста која претставува само блага еволуција на редизајнираниот модел од 2016-тата. На средината доминира дигиталниот екран, а пред возачот сé уште се наоѓаат класични инструменти. Чудно е и решението со отворите за воздух кои наизглед се протегаат низ целата широчина, но тоа е детаљ кој ќе им се допадне на американските купувачи. Списокот опрема е прилично опсежен. Дел од неа ќе бидат трендовските асистенти за помош на возачот, на кој дволитарскиот турбо мотор на располагање ќе му стави 176 коњски сили. Големиот 3,6 литарски VR6 е исфрлен од понудата.
За 46 години Volkswagen има продадено повеќе од 29 милиони примероци од шест генерации на Passat. Освен во Северна Америка каде се произведува, оваа верзија се нуди уште на Блискиот Исток, во Кина и Јужна Кореја.