Volkswagen Golf 8 ќе доцни на тронот
Најновите вести го споменуваат февруари наредната 2020-та година како можен термин за лансирање на новиот Golf
објавено на 27 април 2019 година
Јавноста наголемо шпекулира, а Volkswagen демантира дека причините за доцнењето на Golf 8 се низата технички проблеми што се појавиле на тестирањата. Која е вистината не објавуваат, но затоа наведуваат дека во развојот на осмата генерација на Golf ќе бидат вложени 2,5 милијарди евра. Не заборавија ниту да истакнат дека најпопуларниот автомобил во Европа годинава наполни 45 години. Било да е од првата или најновата генерација, Golf отсекогаш имал посебно значење како за Volkswagen така и за целата авто-индустрија. Едноставниот но беспрекорен дизајн на Џуџаро, современата механика и логичната практичност придонесоа до денес да бидат продадени повеќе од 35 милиони примероци. Поинаку кажано, во просек на секои 41 секунда некој купувач некаде во светот ги напушта продажните салони на Volkswagen со нов Golf. Заслугите за ваквата долговечност одат на сметка на постојаното осовременување, иако дизајнерски многу не се менува. Тој направи многу технологии достапни за милиони луѓе, кои денес без резерва му веруваат и со нетрпение ја очекуваат секоја нова генерација.
А таа, веќе е извесно, ќе доцни малку бидејќи нејзината премиера првобитно планирана за салонот во Франкфурт е одложена. Кога точно не е потврдено, но најновите вести го споменуваат дури и февруари наредната 2020-та година.