Volkswagen Golf GTD, GTE и GTi » Три нови лути изданија

Top News Новитети

Три нови лути изданија

Дојде време за претставување на спортските изведби на Golf

Објавено на 28 февруари 2020 година

Конечно после неколку месеци чекање, Volkswagen ги претстави трите нови лути изданија на Golf. Така, љубителите на спортското возење осмата генерација на европскиот бестселер ќе ги пречека со GTD, GTE и GTi верзиите. Првата е дизел и располага со 200-коњски дволитарски мотор, во комбинација само со седумстепен DSG менувач. Опремен е со двојно вбризгување на AdBlue адитив кое со двата каталитички конвертори треба максимално да ги прочисти издувните гасови. Следи хибридниот GTE со 1,4 литарски TSi бензинец кој заедно со електромоторот испорачува 245 KS. На струја може да вози до 130 km/h и да помине околу 60 km. Она вистинското ја има ознаката GTi која располага со исто 245 коњски сили. Мануелниот менувач е стандарден, а DSG опцијата се добива со доплата. Дизајнерска новост е ЛЕД лентата напред на која е придружена уште една – кај GTi во црвена, кај GTD во сребрена а кај хибридот во сина боја. Сите верзии се пониски за 15 милиметри заради адаптивното ослонување, кое со трите режима на работа ќе ги подгрева возачките аспирации. Истата задача ќе ја има и спортски настроениот ентериер, кој од еден до друг модел се разликува по бојата на деталите. Дигиталниот кокпит се подразбира, како и сите системи за асистенција и поврзување.

Премиерата требаше да биде за неколку дена во Женева, но заради откажувањето на салонот повеќе детали вклучувајќи ја и цената од Volkswagen можеме да очекуваме секој момент.

 

клучни зборови: ,