Далеку пред времето
Објавено на 14 април 2020 година
Во моментите кога во Volkswagen започнува ерата на електричните возила, од компанијата се потсетуваат на некои нивни проекти кои биле далеку пред времето. Еден таков е овој концепт што го гледате, претставен на салонот во Франкфурт во 1991 година. Наречен е Chico според шпанскиот збор за момченце, кој и најдобро го опишува. Долг е 3,15 метри и има 2+2 седишта и врати со двојни шарки за да се олесни влегувањето. Но она што е најинтересно е неговиот погонски склоп составен од двоцилиндричен мотор од 636 кубни сантиметри со 34 коњски сили и електромотор од 6 киловати. При тргнување се користи бензинскиот агрегат, а кога возилото ќе стигне до каква-таква константна брзина, се префрла на електропогонот. Настанат далеку пред времето, кога дојде на чело на компанијата Фердинанд Пих го прекина проектот. Направени се три примероци, од кои еден се чува во музејот на компанијата во Волфсбург.



