Тркачки гени за Golf, но не и за Jetta (со видео)
Во очекување на неговата осма генерација, Volkswagen го претстави најсилниот Golf со погон само на предните тркала во неговата историја
Објавено на 11 февруари 2019 година
Станува збор за сериска изведба на концептот претставен лани на собирот во Вертерзее, инспириран од тркачките модели од TCR серијата. Бруталните перформанси му ги обезбедува дволитарскиот мотор со 290 коњски сили, за 45 повеќе од стандардниот Golf GTi. Тие со помош на Launch Control системот ќе го забрзаат до 100 километри на час за 5,6 секунди, а купувачите ќе можат да бираат дали максималната брзина ќе му биде ограничена на 250 или 260 километри на час. Volkswagen Golf GTi TCR ќе доаѓа само со 7-степен менувач со двојна спојка и 18 и 19-инчни тркала, на кои фабрички можат да бидат монтирани тркачки полуслик пневматици. Визуелно од стандардниот GTi се разликува по предниот браник, праговите, задниот спојлер и агресивните дифузери. Внатрешноста е изведена со комбинација на ткаенина и микровлакна, а спортските седишта и дигиталната инструмент-табла се дополнети со тркачкиот управувач. Но не се изоставени ниту двозонскиот клима уред, аудио системот со 8 звучници и слични комфорни додатоци. Иако цената во Германија му е поставена на 39 илјади евра, динамичката контрола на шасијата со адаптивни амортизери е опција.
Како утеха што нема да им го понуди овој Golf со тркачки гени, Volkswagen за американските купувачи подготви спортска изведба на Jetta. Таа ја нема честа да ја носи славната ознака GTi, место која своите 231 коњска сила ќе ги пласира како Jetta GLi. Агресивниот изглед сепак не го крие нејзиниот карактер, кој треба да се кроти со спортски подесеното и спуштено ослонување, електронскиот диференцијал и четирите режими на работа. Цената не е објавена, а како и другите модели на VW во САД ќе има гаранција од 6 години или 115.000 километри.
Видео