Струјата завладеа со норвешките патишта
oбјавено на 4 февруари 2022 година
Со пораст од 30,7 отсто во однос на минатиот јануари, бројот на електрични возила во месечната продажба во Норвешка достигна 6.659 од вкупно продадените 7.959 возила. Тоа значи дека во јануарската продажба 83,7 отсто од возилата се електрични, а дополнителни 6,8 отсто се плаг-ин хибриди. Од тие што остануваат само 175 се бензински, 212 се дизел додека останатите се хибриди. Најдобро продаван модел во земјата минатиот месец беше Audi Q4 e-Tron со 643 регистрации, следен од Hyundai Ioniq 5 (477), BMW iX (444), Škoda Enyaq (389) и Volkswagen ID.4 (389 возила). Сличен е распоредот и по марки – најуспешни се Audi, Hyundai, Volkswagen, Kia и Toyota, додека некогаш недостижната Tesla ја нема меѓу првите 10 ниту пак некој нејзин модел меѓу првите 20, заради проблеми со обезбедувањето доволно количини нови возила.
Норвешка планира од 2025 година да воведе забрана за продажба на нови возила со мотори со внатрешно согорување, што со вакви бројки уште сега едноставно нема смисла.



