Вистинска градска ракета
Електричниот Smart е вистинска градска ракета подготвена моментално да повлече
Објавено на 22 мај 2017 година
Електроавтомобилите веќе не се егзотика на улиците. Сé уште не се ни наша секојдневица, но решително чекорат и кон тој момент. Незабележително и цело време настрана од главните текови, Smart во тоа учествува веќе десет години. Затоа и не треба да изненадува кога ќе се слушне дека ова е веќе четврта генерација на електричниот погон што се вградува во моделите од оваа марка. Во споредба со оние со бензински мотор, на прв поглед нема разлика – освен натписот Electric Drive, единствен знак за распознавање е симболот што потсетува на штекер кој се наоѓа на задниот столб. Батериите се сместени во подот, така што се безбедни во случај на судар и истовремено го спуштаат тежиштето на возилото. За нивно полнење на обична инсталација се потребни околу шест часа, време кое со специјален полнач се скратува на половина. Електромотор е назад, на истото место како и конвенционалниот мотор. Вкупно располага со 81 коњска сила, што е на половина меѓу атмосферскиот и турбо-бензинецот што се вградуваат во Smart. Уште поважен податок е дека сите 160 њутн-метри вртежен момент се на располагање од нула вртежи. Заради тоа електричниот Smart практично е вистинска градска ракета подготвена моментално да повлече, без оглед на брзината со која се движи. Бидејќи се работи за најнова генерација на трофазен синхрон мотор, Smart Electric Drive нема менувач.
Сето ова ветува забавно возење, кое започнува како и кај секој друг автомобил – со свртување на клучот во контакт бравата. Рачката од менувачот што го нема всушност е само селектор за насоката на вртење на електромоторот, односно за одење нанапред или наназад. Возењето поминува со целосното отсуство на бучава и вибрации од моторот, а заради безбедносни причини е лимитирано на максимални 130 километри на час. Тоа значи дека Smart Electric Drive со доволно самопочит може да се вози и на автопат, иако по сите параметри е градски автомобил. Вклучително и автономијата, кое теоретски изнесува 155 до 160 километри. Возилото е опремено со умен систем за регенерација на енергијата, кој со помош на радар ја следи брзината на другите возила и сам прикочува кога и колку треба. За заштита на пешаците се вградува и генератор на звук, кој имитира бензински мотор. Со помош на апликација за смартфон може да се види состојбата на батериите, но и да се вклучи клима-уредот или греењето во кабината. Цената на електричниот Smart во Германија изнесува 22 илјади евра, без пресметани државни субвенции. ForFour моделот е за околу 600 евра поскап, додека за кабриолетот треба да се платат 3.200 евра повеќе.
Иако на Smart сé уште гледаме како на моден детаљ на неговите сопственици, тој има капацитет да влијае на тековите на пазарот. Доказ за тоа е што на купувачите во САД од есенва ќе се нуди само неговата електричната верзија – бензинските ќе бидат исфрлени од понудата.