Умните напред, останатите стој!
Изненадување немаше, бидејќи новите модели на Smart беа претставени пред три месеци, но публиката во Париз нагрна кон нив како да се појавиле пред три минути
Објавено на 8 октомври 2014 година
Но и тоа не треба да изненадува, затоа што Французите ем се љубители на микро автомобилите, ем на Smart гледаат како на домашен производ. Сега и повеќе од тоа, бидејќи освен што производствените погони на Daimler каде ќе се прави помалиот ForTwo се наоѓаат на француско тло, новите модели се развиени со сериозен партнерски ангажман на Renault. Плус тоа, поголемиот ForFour, како брат близнак на Twingo ќе излегува од нивните погони во Ново Место, Словенија.
Француски во добра мерка е и хардверот под каросеријата, која е задвижувана од задните тркала. Назад се и трицилиндричните мотори, чија понуда братски е искомбинирана – послабиот еднолитарски мотор со 71 KS е од Daimler, а посилниот 0,9 литарски турбо со 90 KS на Renault. Подоцна треба да се појави и 60-коњска верзија, додека дизелот е неизвесен.
Претходниот обид на Smart да навлезе на пазарот со модел со четири седишта заврши по две години со разочарувачка продажба. Сега работите се поставени поинаку и не би требало да нé изненади ако на некои пазари Smart ForFour се продава подобро од ForTwo. Датумот кога првите прогнози ќе започнат да се реализираат е 22 ноември, кога двата нови модела ќе пристигнат до првите купувачи, по цени кои започнуваат од нешто под 11 илјади евра. Двосед верзијата на Smart е благо поширока од досегашната генерација, но ја има задржано истата должина, додека варијантата за четворица за 660 евра повеќе им става на располагање на патниците на задните седишта 80 дополнителни сантиметри.