Уште една последица од Брегзит

Британците ја сменија националната автомобилска ознака

објавено на 1 октомври 2021

Табличките со GB ознака веќе не важат во странство и ако имате такви, сменете ги или покријте ја GB ознаката на нив – тоа е пораката што британската влада им ја упати на возачите кои сакаат да ја напуштат земјата, бидејќи новата национална ознака е UK. Официјалното образложение за оваа одлука на властите е дека UK ознаката го симболизира единството како нација и е дел од поширок пакет потези кон користење на означувањето на Обединетото Кралство. За докрај да бидат работите јасни треба да се знае дека терминот Велика Британија не ја опфаќа Северна Ирска туку само Англија, Велс и Шкотска, бидејќи официјалното име на државата е Обединето Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Но според виенската конвенција од 1968 година како национална автомобилска ознака за (целото) Обединето Кралство е усвоена кратенката GB, а не UK. Ама сега Британците (или Обединетите Кралевјани, како ќе му дојде по ново) веќе не се обврзани да ја користат оваа ознака и тие ја заменија. Одлуката веќе се применува и на сите возила кои не ги исполнуваат новите норми не им е дозволено да ја напуштат земјата.

Но проблемите не завршуваат тука – да биде збрката поголема, во оптек се регистарски таблички само со GB но и оние со знамето на ЕУ. Бидејќи Британија не е повеќе дел од Европската Унија, нејзините земји членки може да не ги признаваат табличките на возилата на кои ги има европските ѕвездички и да не ги пуштат на своја територија. Истото важи и ако место GB имаат UK.

 

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER