Twingo Cup во Македонија :: Нé очекува возбудлива пролет

Нé очекува возбудлива пролет

Renault Twingo ja сели својата урбана приказна на тркачките патеки

Објавено на 9 април 2019 година

Најавен есенва, Twingo Cup во текот на наредните три сезони ќе ја загрева атмосферата на трките од шампионатите на Македонија на ридски и кружни патеки. Малите и лесни автомобилчиња кои веќе четири години во форма на куп-натпреварување настапуваат ширум Европа, годинава ќе бидат составен дел од настаните организирани од страна на автомобилистичката федерација. За нивното присуство во Македонија се заслужни ентузијастите од Аутомотив Груп, кој како увозник на возилата на Renault за нашата земја ги подржа нивните напори автомобилските трки кај нас да добијат вистинско освежување. За техничката страна се задолжени експертите од словенечкиот Lema Racing тим, кои на патеката во Серес, Грција, нѝ ги претставија возилата.


Сите возила се еднакво подготвени, така што за резултатите единствено заслужни ќе бидат натпреварувачите

Таму од нив слушнавме дека тие се унифицирани и специјално модифицирани со цел да ги задоволат сите безбедносни барања. Како основа е земено возило од моделот Twingo 3 AHB 005, чиј мотор доби нова издувната гранка со која моќноста е зголемена на 78 коњски сили. За подобро справување со тркачките предизвици вградена е Eibach амортизација со посебно подесување на геометријата на тркалата. Пневматиците во полуслик изведба од производителот Nankang се монтирани на Sparco алуминиумски тркала, а аеродинамиката и стабилноста подобрени со посебно изработени делови од Lema Racing. Внатрешноста е целосно соголена и во неа освен седиштето, педалите и управувачот со тркачко педигре, нема ништо друго. Инструмент таблата е од производителот AIM со GPS систем кој ги бележи постигнатите времиња, моменталната брзина и бројот на вртежи на моторот. За безбедноста на возачите се вградени рол-бар и сигурносни ремени од Sparco, како и специјален систем за гасење на пожар и заштитна мрежа од истиот производител.


Twingo куп-возилата не се многу брзи на правците, но затоа владеат со свиоците

Што можат вака подготвените возила видовме на изискувачката патека во Серес. Тие заради малата силина не постигнуваат големи максимални брзини, но затоа владеат со свиоците. Конструктивните предности на Twingo кој има ниско тежиште и мотор сместен назад доаѓаат целосно до израз. Звукот што малиот трицилиндричен турбо мотор го испушта е фантастичен, а возењето максимално забавно. Адреналинот владее со вас цело време, дури и кога на правецот се мачите да ги престигните побавните од вас. Токму тука се забележува дека сите возила се еднакво подготвени, заради што за постигнатите времиња по круг единствено ќе бидат заслужни возачите.

А тие на ова прво промотивно возење и неофицијален тренинг не го криеја задоволството. Сите до еден ни изјавија дека едвај чекаат вистински да се испробаат на претстојните трки, кои годинава ќе ги има осум. Планирани се 4 кружни и 4 ридски, согласно официјалниот распоред на автомобилистичката федерација на Македонија. На крајот од секоја сезона за освојувачите на првите три места се одвоени парични награди, додека пак на крајот од третата сезона главната награда на купот ќе биде 100% електричното возило Renault Twizy.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER