Тројка!
Објавено на 21 февруари 2018 година
Држејќи се цврсто до своите убедувањата, Volvo го понуди компактниот XC40 со трицилиндрични мотори. Тоа беше најавено уште лани при неговото претставување, но постоеја дилеми дали Швеѓаните до крај ќе испаднат храбри провоцирајќи го пазарот. Сепак си останаа на зборот и за прв пат во својата 9-децениска историја еден модел на Volvo ќе биде задвижуван со мотор со три цилиндри. Дека ништо не му фали треба да уверат техничките податоци кои споменуваат 156 коњски сили и 265 њутн-метри добиени од само 1,5 литри работна зафатнина. Самиот агрегат технички е базиран на дволитарскиот Drive-E турбо бензинец со четири цилиндри, кој има модуларна конструкција. Тоа значи дека еден ден може да се појави и со пет или шест цилиндри, а дотогаш XC40 ќе ги убедува купувачите во предностите на новата механика кај него спарена со 6-степен мануелен или 8-степен автоматски менувач. Аргументите за тоа му се забрзувањето до 100 километри на час за 9,4 секунди, максималните двесте на час и просечната потрошувачка од 6,2 литри на 100 километри. Оние кои сметаат дека оваа бројка е голема ќе мора да се стрпат уште малку бидејќи Швеѓаните веќе најавија plug-in изведба на XC40, за која ќе биде искористен токму новиот трицилиндричен мотор.