Триото стана квартет
Исто како и мускетарите – триото повеќенаменски возила на PSA се прошири со уште еден член
објавено на 19 април 2019 година
Како што есенва беше најавено, Toyota претстави повеќенаменски компактен модел со кој ќе ја зајакне својата позиција во Европа. Произлезен е од соработката со PSA и претставува верзија на Partner, Berlingo односно Combo со амблемот на јапонската марка. Како и останатите, ќе биде достапен во две изведби – доставна со името Proace City и патничка доозначена како Verso. Доставната верзија на Proace City може да има три предни седишта, а бочните страни можат да бидат застаклени или не. Патничка изведба Verso се добива со 5 или 7 седиштата, од кои оние во вториот ред можат да бидат единечни. Во тој случај тие се опремени со Isofix сидришта за детски седишта, што е единствена понуда во класата. Заради поголема практичност и добивање максимален простор за превоз на товар и долги предмети, сите седишта се преклопуваат.
Со две должини на каросеријата од 4,4 и 4,7 метри и повеќе конфигурации на внатрешноста треба да задоволи сечии потреби, посебно на оние на кои им е битна опременоста. Таа во целост е на нивото на марката и стандардно вклучува препознавање на сообраќајните знаци, функција за задржување на коловозната лента, надгледување на мртвите агли и слични други работи. За безбедно возење наназад ќе се грижат помошта при паркирање и камерата со поглед од 180 степени и динамички приказ на просторот зад возилото од птичја перспектива. Тука се и големиот 8-инчен екран, неколкуте можности за поврзување, безжичниот полнач за мобилен, електричната паркирна сопирачка и панорамскиот покрив кај патничката изведба. Доста практичен е индикаторот за товар кај доставната верзија, кој предупредува кога ќе се достигне 90 отсто од максималната носивост. Сите модели ќе бидат опремени со темпомат, систем кој го подготвува возилото за судар и eCall функција за автоматски повик кон итните служби. Освен ова, Proace City ќе се нуди и со Traction Select систем за избор на неколку режими на работа со кои се зголемува проодноста на лоши терени. Погон на сите тркала нема, а моторната понуда ќе вклучува бензински и дизел агрегати во распон од 75 до 130 коњски сили со мануелен или автоматски менувач.
Toyota Proace City на нашиот пазар треба да се најде во втората половина од годинава.