Сила, издржливост и голем број погонски опции
Toyota со најновата деветта генерација на Hilux започна револуција во сегментот – моќниот и издржлив пикап ќе биде достапен со голем избор погонски опции вклучувајќи верзии на струја и со горивни ќелии.
Дизајнот на Hilux е развиен на темата Tough and Agile, во превод цврст и подвижен, со изразен преден дел и нови пропорции. Светлата се тенки и поврзани со централна лента на која место логото на марката едноставно стои натписот Toyota. Класичната маска заради подобра аеродинамика кај електричната верзија е затворена а меѓу новите елементи се и задното скалило за полесен пристап кон товарниот простор и редизајнираните странични прагови.
Согласно потребите на повеќето купувачи Hilux ќе има само еден каросериски облик, со двојна кабина. Внатрешноста е темелно обновена под влијание на новиот Land Cruiser. Централната конзола има нова хоризонтална постава, а двата екрани, возачкиот и од мултимедијалниот систем се од 12,3 инчи. Заради полесно ракување контролите за погонот на сите четири тркала и теренско возење се групирани. Во безбедносниот пакет се вклучени бројни нови функции а за прв пат серво управувачот е електричен, барем кај европските верзии.
Најголемата новост сепак е електричниот погон. И оваа верзија ги задржува познатиот квалитет, издржливоста, практичноста и бескомпромисните теренски способности. Батериите се заштитени од оштетувања или продор на вода со што длабочината што може да ја прегази останува иста. Посебниот повеќетеренски систем овозможува прилагодување на перформансите за возење на различни подлоги и има режим еквивалентен на редуктор кај верзиите со конвенционални мотори. Во прелиминарните податоци се наведуваат носивост од 715 килограми, способност за влечење приколка од 1,6 тони и автономија од околу 240 километри.
Во Европа се очекува најпродавана верзија да биде 48-волниот хибрид со 2,8 литарски агрегат која ќе може да превезува товар од 1.000 килограми и да влече приколка од 3,5 тони. Дизел изведбата има нов мотор од 2,4 литри а Hilux на некои пазари ќе се нуди и со постоечкиот 2,7 литарски бензинец. И тоа не е сé – потврдено е дека во текот на 2028-ма година ќе биде понуден и со горивни ќелии, што е само уште еден доказ за посветеноста на Toyota кон водородот како погонско гориво на иднината.






