Toyota – Corolla GR

Share on facebook
Share on google
Share on twitter
Share on linkedin

Три цилиндри, 300 коњи!

Првенецот во хибридизацијата се пофали со нова моќна изведба, дело на филијалата за перформанси Gazoo Racing.

Ниту најсемејниот модел во гамата на Toyota не остана поштеден. Тркачкото Gazoo Racing одделение ја продолжи својата спортска рапсодија со преобразба на Corolla. Премиерата се одржа во Лонг Бич, Калифорнија, пред почетокот на сезоната во формула дрифт шампионатот. Изборот не е случаен бидејќи датумот и локацијата се поклопуваат со првата WRC победа на Toyota дамнешната 1973 година. Однадвор гледано, GR Corolla веднаш го покажува својот нескротлив карактер. Предните крила агресивно се проширени, а трагите на тркала се зголемени напред за 60 и назад за 85 милиметри. Покривот е направен од пластика засилена со карбонски влакна, а покрај големите спојлери додаден е и заден дифузор со три издувни цевки. Од Toyota велат дека е така за да се намалат бучавата и притисокот на издувните гасови. Се среќаваат и дополнителни отвори за воздух потребни за ладење на трицилиндричниот турбо агрегат позајмен од GR Yaris. За Corolla од неговите 1,6 литри зафатнина се извлечени 304 коњски сили, кои преку шестстепен мануелен менувач се пренесуваат на сите четири тркала. Потпомогнат со два торзен диференцијала со ограничено пролизгување, системот задолжен за тоа има три различни режими на поделба на вртежниот момент меѓу оските. Челичните дискови на сопирачките ги стегаат 4-клипни клешти напред и двоклипни назад, а за стабилноста и контролата при извлекување на максимумот се грижат засиленото ослонување и адаптираните електронски системи. Значајно е и тоа што GR Corolla ќе се произведува во истата фабрика од која излегуваше и суперспортскиот Lexus LFA. Наесен ќе биде понудена на купувачите во Јапонија и Соединетите Американски Држави, а нешто подоцна во Европа. Цените и перформансите на овој бесен хечбек со пет врати не се објавени.

Сподели

Последни новости

Најнова епизода

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 92.00ден
  • еуросупер 98 - 94.00ден
  • еуродизел Д5 - 86.00ден
  • течен нафтен гас - 51.00ден
  • метан - 108.50ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER