Toyota ќе го зголеми учеството во Subaru
Фокусот ќе биде на спортските автомобили и 4×4 погонот
Не е ништо ново дека производителите на автомобили ги здружуваат силите со цел да ги намалат трошоците за развој и производство. Toyota и Subaru тоа го сторија уште во 2005 година, кога General Motors ги продаде своите акции во Fuji Heavy Industries. Од тоа произлегоа неколку скромни, но плодни соработки меѓу кои и спортските купеа Toyota GT86 и Subaru BRZ. Иако овие модели наполнија цели 10 години, за нивна замена скоро и да не се зборуваше. Сé досега, кога Toyota објави дека го зголемува своето учество во Subaru на 20% со цел за интензивирање на соработката. Во соопштението се вели дека фокусот во заедничкото делување на двете компании ќе бидат перформансните автомобили, односно втората генерација на жилавите спортски купеа. Ќе се работи и на 4×4 погонот, на поширока хибридизација на гамата на Subaru како и на развој на автономни технологии.
Двете компании од порано развиваат електрични возила, за кои сé уште нема многу детали. Според новиот договор сега и Subaru ќе добие мал процент учество во Toyota. Колку точно не е објавено, но нема да биде многу бидејќи Toyota со своите 10,6 милиони произведени возила лани е далеку поголем играч од Subaru чии бројки се движат околу милион. Како дел од стратегијата да се поврзува со домашни а не странски компании, Toyota уште има мало учество и во Mazda, Isuzu и Yamaha.