Следната година на пазарот доаѓа мал урбан теренец, а потоа поголем купе кросовер
Еден од шесте нови електрични автомобили што Toyota ќе ги лансира во Европа во следните две години е прикажан преку концептот Urban SUV. Повеќе од сигурно е дека изгледот ќе остане непроменет и ќе се бори со електричниот Jeep Avenger, Volvo EX30, FIAT 600e, Peugeot e-2008, Opel Mokka Electric и претстојниот Mini Aceman.
Најверојатно ќе биде базиран на e-TNGA платформата која се користи во bZ4X. Можеби ќе носи слично име кога ќе излезе на улиците во 2024 година. Првично ќе биде лансиран во Јапонија, а во Европа би требало да пристигне во третиот квартал на идната година. Toyota признава дека „концептот“ Urban SUV ја најавува комерцијалната верзија на новото електрично возило кое ќе се продава во Европа од 2024 година и ќе служи како електрична алтернатива на Yaris Cross, модел што е популарен субкомпактен кросовер кој нуди хибридна и plug-in хибридна верзија, но не и целосно електрична опција.
Техничките детали не се објавени, арно ама, објавени се димензиите. Тие откриваат дека Urban SUV е долг 4,3 метри што го прави подолг за 12 цм од Yaris Cross, воедно е поширок за 55 мм и 40 мм повисок од споменатиот модел. Комуницирано е дека серискиот автомобил ќе се нуди со погон на предните или сите тркала и две големини на батеријата, од кои поголемата овозможува автономија од околу 400 км.
Почетната цена би била околу 35 илјади евра. Во рамките на годишната конференција на Toyota одржана во Брисел беше покажан концептот Sport Crossover претставен во Шангај во април. Производителот вели дека елегантниот лифтбек купе-кросовер со четири врати ќе биде во продажба во Европа во 2025 година.