Тоа е тоа!
Втората генерација на големиот SUV на Audi настапува со уште посилно темпо отколку што го наметна првата
Објавено на 13 декември 2014 година
Пред 2005 година, сите големи теренци беа луксузни, гломазни и скапи. Со појавувањето, Q7 покажа дека не мора да бидат сето тоа – во списокот свои карактеристики тој гломазноста ја замени со динамичност, додавајќи и сериозна доза стил. Публиката добро го прифати тоа – нејзе и требаше претставително возило со кое ќе може безбедно да се вози по автопатиштата со брзини далеку над дотогаш разумните за SUV возила со ваква големина. Чувството на доминантност доаѓаше гратис, а теренските возни својства се прифаќаа само како отворена можност за авантури. За исправноста на вака поставените работи најдобро сведочи „векот на траење“ на овој модел од дури девет години, кои сите ги истрча со темпото што го наметна.
Сега на свет дојде и втората генерација. Дизајнот, кој со оглед на свежо претставените концепти на Audi може да се класисифицира дури и како конзервативен, исто така е моќен и претставителен како и кај претходникот. Дури и повеќе, бидејќи поаеродинамичниот преден дел визуелно го прави помалку масивен, насочувајќи ги мислите на купувачите кон тоа што сé крие под долгиот лим. Се разбира, Audi им ги услиши желбите и пред да ги изговорат – Q7 иницијално ќе биде лансиран со дуо моќни трилитарски V6 мотори, бензински со 333 KS и дизел со 272 KS, и двата спарени со осумстепена автоматика. Некаде во Азија (а можеби и во САД) ќе може да се купи и со дволитарски TFSi четирицилиндричен мотор со 252 KS, а за одреден број пазари се споменува и 3.0 Ultra TDi дизелот со 218 KS. Подоцна на ред треба да дојдат и други, помоќни погонски единици.
И задниот дел на Q7 преживеа сличен третман на зголемување на виталноста, но најголемите измени ќе се забележат во внатрешноста. Модерната инструмент табла е минималистичка, со дизајн инспириран од TT. Дигиталните мерачи ја искажуваат посветеноста на Audi за имплементирање на напредните технологии, без предлабоко задирање во футуристичките води. Напредна е и самата конструкција на моделот, која ќе послужи како основа за бројни нови модели од групацијата. Интензивната употреба на алуминиумот во неа го направи полесен од досега за здрави 325 килограми, иако Q7 ги задржа своите габарити скоро исти: должината му изнесува 5,05 метри, ширината 1,97, височината 1,74 а меѓуоскиното растојание 2,99 метри.
Напредна ќе биде и неговата желно очекувана хибридна верзија, чии plug-in способности ќе и овозможат да помине до 56 километри во електричен режим. За тоа ќе бидат задолжени литиум-јонските батерии од 17,3 kW и електромоторот од 94 kW интегриран во трансмисијата, кој ја зголемува моќноста на трилитарскиот дизел на вкупно 373 коњски сили. Со заеднички ангажман на сите нив, Audi Q7 e-tron ќе забрза до 100 km/h за 6,0 секунди и ќе постигне максимални 225 km/h. Комбинирано ќе потроши само 1,7 литри гориво на 100 километри, а ќе испушти во атмосферата безначајни 50 грама јагленород диоксид по километар.
Пред девет години, Q7 како со песна започна да ги освојува купувачите. Сега на песната и додаде и музика која многу уши ќе сакаат да ја слушнат. За жал не и цената, за која сега, неколку месеци пред почетокот на неговата продажба, е најавено дека во Германија ќе започнува од 61.000 евра. Најевтината верзија на сегашната генерација на Q7 таму чини 53.950 евра.