Тимот MES Racing го покажа својот болид за Формула Студент

На скромна, но силна презентација, студентите од УКИМ демонстрираа дека се подготвени за интернационалниот натпревар со своите колеги во Хрватска

На 20-ти август студентите ентузијасти што го конструираа првиот македонски болид што ќе учествува на Формула Студент во Загреб, на тест патеката на Rimac, го покажаа својот адут за ова престижно натпреварување.

Велиме престижно, бидејќи тоа е материјата од каде се регрутираат младите инженери во областа на моторните возила кои се иднината на автомобилската индустрија. Со овој потег и нашиот Машински факултет за прв пат ќе се најде на мапата на факултети што нешто значат во овој брзорастечки сектор.

Може само пофално да се изразиме за нашите млади ентузијасти кои, осем поддржката на Машинскиот факултет, самите „трчаа“ по спонзори и мецени на овој амбициозен проект. И покрај претставувањето на својот болид, предизвиците за младиот тим не се минато.

Сега останува да се проверат сите 200 точки на регулативата за натпреварот и да се ускладат со зададените прописи за едукативниот инженерски натпревар кој има за цел да развие претприемнички и иновативни млади инженери. Се смета за еден од најафирмираните едукативни натпревари за мотоспорт во светот.

Нашиот тим го дизајнираа и изградија, овој мал автомобил во стил на формула. Следниот период ќе биде употребен за тестирање на конструираниот болид кој ќе се одвива на  картинг патеката во Волково. Нашиот MES Racing, е посветен и страстен тим составен од 20 студенти од Машинскиот, Факултетот за електротехника и информациски технологии и Економскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј.

Нивното знаење и желба за докажување меѓу колегите од Европа постави амбициозна цел пред овие млади ентузијасти, а тоа е да го создадат првиот македонски тркачки автомобил во стил на формула од мали размери и да ја покажат инженерската вештина на меѓународната сцена. Многу професионалци од оваа гранка се вклучени во Формула Студент, обезбедувајќи менторство на тимовите и се дел од комисијата за оценување на натпреварот. Нашиот тим го води Димитар Алжуроски, претставник од МФС, додека Мартин Миланоски е лидер на тимот за електроника, Координатор на проектот е Проф. д-р Даме Димитровски од МФС, а за односите со јавноста задолжена е Андреа Ивановска.

Формула Студент е високо ценета поради инженерско искуство во реалниот свет. Ова им овозможува на студентите практично искуство во дизајнот, инженерството, тимската работа, менаџментот и финансиите, сите категодиии многу корисни за нивните идни кариери. Инспирирани од ова, нашите „млади лавови“ ќе влезат во арената каде се присутни многу универзитети од Европа каде традицијата за едукација на инженери од областа на моторните возила има вековна традиција. Искрено се надеваме дека MES Racing годинава, со своето учество на натпреварот во Хрватска, не само дека ќе го скрши мразот, туку и ќе покаже дека нашите романтичари се достојни да го исполнат сонот што го реализираат.

Разочарува фактот што извонредно мал број домашни компании го подржуваат овој проект и не веруваат во иднината на нашите млади инженери. Затоа ги покануваме сите наши претпријатија кои се инволвирани во автомобилската индустрија и пошироко, како дел од нивната социјална одговорност и извор на обезбедување на идни стручни кадри, да го поддржат ентузијазмот на младите студенти од MES Racing тимот.

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER