Тест – Opel Corsa 1,2 GS Line

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin

За сите пригоди

Шестата генерација на Corsa одлично се снаоѓа во улогата

објавено 25. август 2021

Времето во кое живееме исполнето е со предизвици. Ништо помали не се во автомобилската индустрија која се соочува со досега најголемиот предизвик, да се трансформира на електричен погон. Иако заговорувачите на струјата го одбројуваат преостанатото време на термичките мотори, во реалноста малку поинаку стојат работите. Тоа го докажуваат плејада модели од суб компактниот сегмент за чие движење се задолжени ниско литражни агрегати засилени со турбо полнач.

На прв поглед…

Таков е примерот на тестираната Corsa која со секој изминат километар влегува длабоко под кожа. Се покажаа како неоправдани стравувањата дека поради заедничката основа со браќата Peugeot 208 и Citroen C3, германецот ќе омекне. Напротив, Corsa останува доследна на своето наследство. Ова го докажува и во мојата петта средба со неа. Надворешниот изглед ја има задржано германската крута појава проткаена со дизајнерски цитати кои одат во атрибут на динамичниот впечаток. На оваа констатација се надоврзува пакетот на опременост GS Line кој нуди низа естетски предности на екстериерот и во внатрешноста.

Силната портокалова каросерија е заокружена со покривот и тркалата во црна боја оддавајќи моќен впечаток. Во внатрешноста амбиентот е засилен со игра на бои па престојот е пријатен. На тоа се надоврзува опременоста која се покажа како одличен избор во тек на возењето. Темпомат, сензор за препознавање на знаци, сензор за предупредување од можен удар на мала брзина, детекција на пешаци, ултрасонични паркинг сензори напред и назад, електрично склопување на надворешни ретровизори и панорамска камера со приказ од 180° за паркирање назад  се дел од аргументите што одат во прилог на Corsa 1,2 GS Line.

Просторна и пријатна внатрешност

Но да почнеме по ред. Компактната каросерија во внатрешноста нуди доволно простор за четири патници. Со влегувањето јасно е дека ергономијата е на високо ниво. Возачот ја има целата контрола на командување потпомогнат со пакет асистенти што возењето го претвораат во уживање. На автопат одлично функционира одржувањето на лентата на движењето со опоменување на раздалеченоста од другите возила, конективноста е на високо ниво и интуитивна за користење, гласовните команди подобро реагираат отколку кај претходните генерации возила на Opel…

 

 

Со должина од 4,06 метри, Corsa делува складно и одмерено. Нискиот центар на гравитација е добиен со спуштање на покривната линија и позицијата на предните седишта. Со намалувањето на височината не се изгуби од просторноста а профитира управливоста.

Сестрана динамика

Во новата генерација на Corsa понудени се нисколитражни бензинци со докажани динамички способности. Тестираниот модел го задвижува трицилниндерската верзија со 100 коњи. Впарен со шестстепен мануелен менувач дава оптимални манири во било кои сценарија на возење. Во градски услови еластичноста го поштедува возачот од чести менувања на преносите, а на отворен пат нагласена е динамичната нота која дава максимум од декларираната сила. За возните својства на Corsa не треба многу да се зборува бидејќи користи интересна синергија на удобност и цврсто потпирање со прецизно и бескомпромисно однесување на патот, па во свиоци е вистинско задоволство да се вози.

Трицилиндарскиот мотор, погонет со турбо полнач, со драга воља ги става на располагање своите 100 коњски сили и 205 Nm. Во текот на извозените околу 500 километри кои беа исполнети од градско возење, на авто пат и на планински превои, во ниедна ситуација комбинацијата не се однесуваше инфериорно. Напротив. Кога се вози на автопат со темпомат возењето е безгрижно. Окружени сте со асистенти кои возењето го претвораат во релаксирано искуство. Вистинското изненадување доаѓа кога компактната каросерија се команда на свиоци. Најпријатното доаѓа од моторот кој одлично се снаоѓа кога се форсира. Неговата избалансираност се чувствува најдобро на нагорнини бидејќи одлично е распределен соодносот на вртежниот момент и максималната сила, па секогаш во полето на оптимум се перформансите.

Задоволство во возењето

Со леснотија ја прифаќа играта со менувачот чија прецизност е во рамките на очекуваното. Благодарение на пакетот на опременост присутен е електронски контролиран селектор преку кого се нуди спортско однесување. Со неговото активирање не се случува ништо посебно.

Добро, можеби реакцијата на воланот е потешка, но друго ништо не се случува! Барем не за што треба да се трошат зборови. Убава замисла, како и кај останатите конкуренти што се опремени со ваква опција, но лоша реализација. Кога се форсира низ свиоци зад управувачот се чувствува како да имам многу посилен и поголем агрегат. Трите цилиндри се тивки, работат токму онака како што треба и се вклопуваат во општата слика, а таа е дека овој автомобили не е само атрактивен, туку е и економичен и динамичен. Кога станува збор за економичноста не може да се каже дека бензинецот троши многу гориво. Некаде околу 6,4 литри е мојот просек. Не треба да се заборави дека на планинските делници често ги цедев преносите и се обидував да ја испровоцирам каросеријата. Силата што ја нуди моторот е одлично изедначена со подвозјето, па тешко може да се почуствува било каква остра реакција.

При поголема брзина во свиоци навалувањето на каросеријата е во рамките на очекуваното, но подвозјето си ја работи работата без прекорно! И доколку успеете да претерате дискретно помага системот за стабилизација па свиоците лесно се голтаат. Во каросеријата е тивко, се чувствувате убаво и комотно. Иако има многу простор, ова не е идеален автомобил. Не може ниту да биде како ниту еден од бројната конкуренција.

Во тестираниот модел ми пречеа пластиките офарбани во пијано лак бидејќи брзо се познаваат отисоци од допири и прашина па внатрешноста делува неуредно.. Црниот покрив на силното сонце ја зголемува темепературата во кабината. Тоа е мал допринос кон она што се нарекува „толеранција поради перформансите“. А нив Corsa ги има во доволна мерка што лесно ги надминувате ентериерните несогласувања. Драго ми е што Opel го задржа својот став на возачки ориентирани модели без оглед дали се работи за најмалите или најголемите возила од гамата. Со цена од 16.990 евра Corsa GS Line се позиционира во повисокиот сегмент во класата. Таквиот став се оправдува не само со опременоста, туку и со возните својства кои останаа доследни на марката подржани со адекватна динамика и економичност.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER