Тест – Citroen C3 Aircross 1,2 PureTech Shine

Дотеран за мерак

Citroen го прати C3 Aircross на фарма за убавина каде 4,16 метри долгата каросерија доби низа освежувања.

објавено 11. септември 2021

Таков пристигна на нашиот пазар неодамна, па овозможено ни е директно соочување. Преставникот на „Двојниот шеврон“ е опремен со 1,2 литрен PureTech мотор со 110 коњи солидно украсени во Shine ниво, а ние бевме љубопитни како ќе помине нашата дружба…

Прв впечаток

На прва С3 Aircross делува привлечно и женствено, исто како братот С3.  Верзијата пресвлечена во теренско одело подеднакво е успешна и се натпреварува во прилично набиен сегмент каде се присутни дузина конкуренти. Предизвикувачкиот дизајн резултира со 340.000 продадени примероци од 2017 година. Општата слика што ја дава С3 Aircross е атрактивна. Подигната од тлото и ставена на  16 инчни тркала каросеријата е врамена со сјајни покривни носачи па оддава ентузијазам на кросовер. Пред сé, предниот дел покажува храброст со подзатегнати рабови и редефинирани светлосни групи. Поострите контури и нагласени хромирани линии што делуваат како штит C3 Aircross го приближија поблиску до идентитетот на другите модели на Citroen. Истиот впечаток го остава и задниот дел. Тој го крие багажниот простор кој нуди нешто повеќе од 400 литри капацитет.

Внатрешност

Бројните подобрувања се сконцентрирани во интериерот и покрај видливите, направени се модификации на звучната изолација, удобноста и опременоста. Така, седишта имаат тапацир дебел 1,5 см, централната конзола профитира со повеќе функционалност и волумен, а севкупното чувство во просторот е подобрено. Големите седишта нудат комоција на фотеља. Од таму возачот има преглед на аналогно-дигиталната панорама. Инструмент таблата е по теркот на традицијата додека посветеноста на модерното е застапена преку девет инчен екран осетлив на допир сместен на централната конзола. Функционалноста е запазена со бројните места за одложување на дребулии на централниот гребен и во вратите. Да можеше само пластичните површини да бидат поубедливи од миљето на класата внатрешноста ќе беше за пример и на поскапиот сегмент. Удобноста е пренесена и на задната клупа каде има доволно простор во сите смерови. Наслонот на клупата е делив па капацитетот и практичноста на багажникот е зголемена и погодна за луѓе со активен животен стил. Но, јас не сум еден од тие. Мене повеќе ме интересира што може С3 Aircross да му пружи на возачот.

Зад воланот

Со самото влегување се чувствува поинаков амбиент. Високата позиција на возачот дава јасен преглед на сé што се случува пред него. Сместен во фотеља веќе насетува што може да очекува од еден типичен Citroen, а тоа е удобност. Очекував при стартувањето нешто повеќе да се огласи трицилиндерскиот турбо-бензинец кој преде и едвај се слуша. Весело ги прифаќа шесте преноси на мануелниот менувач чија еластичност е одлична во градски услови на возење. На автопат во прв план повторно дојдоа традиционалните вредности. Нерамнините ги поминува со надменост давајќи удобност неочекувана за оваа класа. Темпоматот одлично ја одржува брзината. Потпомогнат со асистенти на одржување на смерот и предупредување на пречки, значително помага на возачот да добие релаксирана интеракција со возилото и подлогата.

Дали е за активни возачи?

Сосема солидно се носи со свиоците. Сепак, високо тежиште и амортизацијата подесена за удобност се погодни за лежерно управување. Доколку сте упорен ќе се соочите со наклонување на каросеријата и тенденција на надуправување. Тука нагласено се вмешуваат системите за стабилизација. С3 Aircross не е возило со кое ќе уживате во брзо возење низ свиоци. Ако го очекувате тоа, тогаш нема што да барате во класата на мали кросовери воопшто! Управувањето е прецизно, но дава индиректна интеракција, како да нема врска помеѓу вашите раце и предните тркала, но е во рамките на толеранцијата. Само запомнете дека С3 Aircross не сака да прави ништо брзо, затоа забавете ја брзината и уживајте во глетката. Изненаден сум на дотерувањето на подвозјето, што го дели со Peugeot и Opel, да остане доследно на традиционалните вредности на марката. Во извозените километри не направив излет вон асфалтот бидејќи ова не е теренец. Намената му е за на асфалт каде служи многу добро.

Влече ли моторчето?

Кај нас скептичноста кон три цилиндерските мотори е голема, но нереална. Моторот од 1,2 литарска зафатнина го имам возено во неколку каросериски верзии и имам афирмативен став за него. Со помош на турбина се произведуваат 110 коњи и 205 Nm. Балансираното работење во спрега со еластичниот шест степен мануелец во реални комбинирани услови на возење покажа одлична економичност. Просечни 5,9 литри бензин на изминати 450 километри со вклучен клима уред е многу добар резултат. Од друга страна дава добри перформанси. Скроен да биде економичен моторот лесно ги прифаќа „излетите во црвено“ соработувајќи одлично со менувачот. Не се спорни „цедењата“ на преносите и проследени се со линеарни перформанси. Згора на тоа се истакнува со тивко работење, осем во поле на високи вртежи кога предењето се трансформира во режење.

 

Заклучок

Како мал семеен автомобил за урбана употреба и патувања на средни релации, С3 Aircross е случај за себе. Има многу простор во компактни димензии, одлична видливост, за удобноста е на врвот во класата додека надворешниот изглед е претенциозен и интригантен. Моторот иако нисколитражен одлично ја носи каросеријата, задоволен сум од потрошувачката и од начинот како ја обавува својата должност. Впечатокот го расипува индиректното управување, инфериорноста во свиоци и пластичните површини кои делуваат не адекватно на името на марката. Ова не е возило за секого. Citroen секогаш бил во фокусот на купувачи кои на прво место го ставаат изгледот, удобноста и опременоста. Токму тие се свесни дека 18.900 евра е добро одмерена цена за атрибутите кои се понудени.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER