Tesla Model 3 доби европска хомологација
Холандските авторитети издадоа хомологација на Tesla Model 3
Објавено на 23 јануари 2019 година
Година и шест месеци откако првите примероци ги напуштија монтажните ленти, Tesla Model 3 ќе биде понудена на европските купувачи. Производството веќе е стабилизирано на 5.000 возила неделно, а е добиена и европската хомологација. Неа ја издаде националното биро за патен сообраќај на Холандија, каде овој електричен седан се продава за почетна цена од 58.800 евра. За таа цена купувачите ќе ја добијат верзијата со два електромотора, погон на сите тркала и пакет батерии со продолжена автономија од 560 километри. Најголемата брзина му изнесува 233 километри на час, а до првите 100 забрзува за 4,8 секунди. Овие бројки малку се разликуваат од американската изведба, што не може да се каже и за цената која таму е за 25 отсто пониска. Во понуда е уште и перформансната верзија која чини 70 илјади евра. Првите испораки се предвидени за идниот месец.
Tesla лани испорача вкупно 146 илјади примероци од Модел 3, од кои 140 илјади на американските купувачи. Најблиското дилерство на Tesla до нас се наоѓа во Австрија.