Тесла се пресели во Тексас
Илон Маск отворањето на гигафабриката го искористи да најави нови производи без одреден рок на комерцијализација…
Само три недели по берлинската, пуштена е во работа новата, петта по ред, гигафабрика каде веќе е преселено седиштето на компанијата. Лоцирана во Тексас, има корисна површина од скоро милион квадратни метри и капацитет за 500 илјади возила годишно.

Во неа веќе започна да се произведува Model Y за американскиот пазар, а во иднина ќе стане главна фабрика и за Model 3, влекачот Semi и пикапот Cybertruck. Токму за него беше резервирано почесното место на настанот наречен сајбер-родео со кој беше означен почетокот на работата на фабриката. Извинувајќи им се на купувачите што толку чекаат на него, Илон Маск вети дека производството ќе му започне идната година.

Беше покажана неговата сериска изведба, која најмногу се разликува по тоа што нема кваки на вратите. Тие се отвораат автоматски бидејќи возилото е способно да го препознае својот сопственик. Во оваа фабрика ќе се склопуваат и батериски пакети со новите ќелии развиени со Panasonic кои имаат поголем капацитет, помалку се греат и се за половина поевтини од досегашните. Големо изненадување од Илон Маск беше и најавата на целосно автономни роботакси возила и хуманоидни роботи, но, во негов стил, тој не наведе технички детали и рокови за нивно лансирање.


