Tesla со автономија од само 150 km!
објавено на 19 мај 2019 година
И покрај тоа што постојано се случува, не навикнавме на изненадувањата на Елон Маск. Не ни можеме, бидејќи тие секогаш се на поинакво ниво. Меѓу најновите спаѓа појавувањето на Tesla Model 3 со автономија од само 150 километри. Се работи за верзија наменета само за Канада што го има истиот пакет батерии како и стандардната, но софтверски заклучени на наведената бројка. Причина се државните субвенции кои се ограничени за возила со основна цена под 45.000 долари. Дополнително е дозволено тие да имаат опции во вредност од уште 10.000 канадски долари. А токму толку чини и изведбата на Model 3 со автономија од 386 километри која во другите земји е стандардна. Нормално, од Tesla не очекуваат да продадат ниту еден примерок од овој модел.
Истовремено од Tesla стигна потврда дека новиот Roadster навистина ќе има автономија поголема од 1.000 километри. Импресивна е и максималната брзина од 400 километри на час, но таа не е потврдена од причина што се смета дека ќе биде поголема. За точно колку, не се знае. Не е потврдена ниту цената од 200.000 долари, која исто така се очекува да порасне барем за 10 до 15 отсто. Она што со сигурност се знае дека првата серија ќе се појави идната година и ќе чини 250.000 долари. Ќе можат да ја набават само илјада купувачи кои однапред ќе ја платат целата сума. Останатите можат да си резервираат примерок за себе со депозит од 50.000 долари.