TECT – KIA Sorento 2.2 CRDi AWD

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin

Нежниот џин од Кореја

Новата генерација на Sorento покажува дека и за дизелите има место под сонцето!

објавено 01. септември 2021
фотографија: Кети Талевска

Со Sorento, KIA ги напаѓа воспоставените модели како Škoda Kodiaq, SEAT Tarraco и VW Tiguan Allspace. Со вкупна должина од 4,81 метри, новото издание на теренецот едвај порасна во споредба со неговиот претходник, но изгледа многу поимпозантно. Мускулозното тело испресечено е со аголни дизајнерски цитати и ја демонстрира новата самодоверба на брендот. Почнувајќи од огромната црна решетка на ладилникот која доминира на целиот преден дел до, на два дела поделени, задните светлосни групи, потсетуваат на решението видено кај некои американски модели.

 

Што е Sorento?

Покрај дизајнерските решенија направени се и технички дотерувања. Каросеријата е поставена на нова платформа која порасна за 3,5 сантиметри со меѓуоскино растојание од 2,82 метри. Тоа создава повеќе простор внатре. Предните седишта нудат импресивно опкружување во кои возачот и совозачот седат удобно и уживаат во голема слобода на прилагодувања.

Истиот впечаток се добива на вториот ред чија клупа може да се помести во должина, а потпирачите за грб се прилагодливи по наклон. Багажникот собира 705 до максимум 2.100 литри. Со рамниот под лесно ќе извршува задачи како мало комбе. Прагот за полнење е низок за теренец, а како олеснување задната врата електрично се манипулира. Дигитализација и конективностKIA целосно го редизајнираше ентериерот и го надгради со дигитална група инструменти. Возачот може да го конфигурира стандардниот дисплеј на три прикази според личниот вкус. Во принцип, KIA нуди многу системи за асистенција во Sorento, почнувајќи од радарската контрола на патувањето па до асистентот за застој во сообраќајот. Во својата внатрешност, првично изненадува со поплава од класични прекинувачи. Треба кратко навикнување на ваквата поставка, но нејзиниот аранжман логички е структуиран. Суштината е дека Sorento  е лесен за ракување и затоа помалку го одвлекува вниманието на возачот од неговата вистинска задача.

 

 

Се разбира, повеќето од функциите може да се контролираат со помош на гласовни команди. Всушност, одлична замисла, но дамата од компјутерот не разбира секогаш што се бара од неа и расположена е за расправии. Дури може да побара да се затворат  прозорците бидејќи бучавата во позадина ѝ пречи да ги разбере командите?! Можеби само препознава дека KIA требала да обврне малку повеќе внимание на звучната изолација на задниот дел. Но, тоа е со критиките, бидејќи во однос на поврзаноста сé функционира како под конец.

Дизелот сé уште во мода

Испод масивната предница сместен е добро познатио четири цилиндерски турбо дизел. Од неговите 2,2 литри се испорачуваат 202 КС доволни за покажување на добри манири.

Четири-цилиндерот работи култивирано и звукот останува дискретно во позадина дури и при голема брзина. Покрај тоа, моторот рано ја расплетува својата моќ, која е достапна во широк опсег на преноси. Осумстепениот менувач со двојна спојка импресионира со мазни, но брзи процеси на менување и секогаш го избира соодветниот пренос при забрзување. Возачот може да избере помеѓу различни програми за возење.

Ако се префрли од „удобно“ во „спорт“, Sorento ги затегнува мускулите и гo форсира 440 Nm силен вртежен момент на двете оски. Управувачот реагира подиректно и укрутената амортизација одговара на предизвикот. Подвозјето е исто така подинамично, но не го претвора во спортист. Sorento првично е релаксиран крстосувач и е пријатно удобен за возење. На автопат безгрижно лизга низ километрите, се однесува зрело а со погонот на сите тркала има дополнителни теренски програми за возење по кал, снег или песочна подлога.  Пресметаната просечна потрошувачка е сосема прифатлива за теренец тежок нешто помалку од 1,9 тони. Иако Sorento на моменти ја постигнува специфицираната фабричка декларација од 5,7, реално е да се очекува во пракса вредност од 7,2 литри на изминати сто километри, што е апсолутно прифатливо во однос на моќноста и тежината.

 

Резиме

 

Судејќи според приложеното Sorento се престави во поинакво светло. Гломазната каросерија е украсена со одлични светлосни групи и поставена на 19 инчни тркала. Севкупниот динамичен впечаток е пренесен во внатрешноста чија уреденост и опременост одговара на амбициите.

Динамичниот и штедлив турбо-дизел лесно ги растега неговите 202 коњи, но повеќе комуницира со фантастичниот вртежен момент извонредно избалансиран со осум степениот автоматик и погонот на сите тркала. Сепак Sorento остана крстосувач и фокусиран е на возачи кои сакаат да уживаат во секој километар додека оние подинамичните ќе треба да се помират со наклонувања предизвикани од високото тежиште. Опременоста е на високо ниво.

 

Сите овие дотерувања прават Sorento веќе да не е ефтин. Во второто ниво на опременост чини неполни 50.000 евра. Покрај фактот дека нуди атрактивен изглед, многу опрема, солидна динамичност и голем комфор во користењето, силен аргумент е седум годишната гаранција. И, со сигурност, долго годишно задоволство во возењето на корејскиот џин.

 

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER