Subaru – Solterra

насловна Новитети

Од боксер до електричар!

После долго време најавување, Subaru конечно го претстави својот прв електричен модел.

Овој кросовер со средна големина е развиен во соработка со Toyota и ја дели истата платформа како и новиот bZ4x. Називот Solterra е добиен со спојување на латинските зборови за сонце и земја, иако не е јасно каква порака сакаат да испратат Јапонците со тоа.

Должината од 4,7 и меѓуоскиното растојание од 2,85 метри обезбедува пространа кабина и солиден багажник. Внатрешноста е скоро иста како и кај моделот на Toyota, со тоа што Subaru нуди други колорни шеми. Во неа се забележуваат високо поставената дигитална инструмент табла, големиот екран на мултимедискиот систем на централната конзола и чисто извлечените линии на целиот ентериер. Гледано однадвор разликите од чедото на Toyota се во шестаголната маска и другите светла.

Силуетата е иста, а назад освен светлосниот потпис двата модела се идентични. Така е и кај погонските групи кои ги има две. Основниот модел е со еден електромотор со 204 коњски сили кој ги задвижува предните тркала, а верзијата со 4×4 погон има два електромотора со максимални 218 коњи. Батериите се со капацитет од 71 киловат-часа и поддршка за полначи од 150 киловати. Обезбедуваат автономија од 530 односно 460 километри, а се полнат до 80 отсто за половина час. Продажбата на Subaru Solterra ќе започне кон средината на идната година, а цените ќе бидат објавени дополнително. Овие модели на Toyota и Subaru за глобалните пазари ќе се произведуваат во Јапонија, а локално за Кина.