Надворешен и внатрешен редизајн, нови опции
Subaru на салонот на автомобилите во Лос Анџелес ја претстави шестата генерација на Forester
Јапонскиот кросовер не претрпе радикални технички промени, но доби целосно нов дизајн и ревидирана внатрешност, со низа нови опции. Затоа и практично остана со исти димензии – меѓуоскиното растојание од 2.670 и клиренсот од 221 милиметар не се променети, а зголемувањето на должината од 15 милиметри може да се припише на нијансите на новиот дизајн. Но затоа структурата на каросеријата е модификувана со нови технолошки процеси, со што е добиена за десет отсто поголема цврстина.
Покрај традиционалната маска, новата надворешност на Forester му донесе светла кои се протегаат на крилата и лакови над тркалата во стил на конвенционалните автомобили. Додадени се и воздушни канали во поткрилата за кои инженерите на Subaru тврдат дека го насочуваат протокот на воздухот настрана од тркалата, со цел подобрување на стабилноста, Плус на тоа, финалната обработка на пластичниот комплет на каросеријата заедно со дизајнот на тркалата ќе се разликуваат во зависност од конфигурацијата на моделот.
Редизајнираниот ентериер сега има 11,6-инчен вертикално поставен централен дисплеј, но не и дигитална инструмент табла, а и рачката на менувачот остана класична. Затоа пак покрај новите материјали, Forester има необични брановидни уметоци за кои се смета дека ќе помогнат за намалување на абењето на површините во тек на експлоатацијата на автомобилот. Се споменува и дека зафатнината на багажникот незначително е зголемена.
За американскиот пазар Forester и понатаму ќе биде опремуван со 2,5 литарски атмосферски боксер, кој минимално модификуван развива 183 коњски сили, со малку зголемен вртежен момент. CVT трансмисијата и електричниот серво управувач се наново калибрирани, а секако симетричниот погон на сите тркала е стандарден, сега засилен со off-road електронски асистент скоро во сите пакети на опременост. Меѓу новата опрема се споменува и трета камера на EyeSight комплетот асистенти која треба да ја зголеми прецизноста за детекција на пешаци и велосипедисти, а електроника сега е способна веднаш да го запре возилото доколку возачот не реагира на предупредувањата што таа му ги праќа. Листата опции вклучува вентилација на предните седишта, отворање на петтата врата со мавтање на ногата, систем широкоаголни камери, паметна контрола на климатизацијата која може да го прерасподели протокот на воздух во зависност од пополнетоста на седиштата и друго.
Со оглед на млакоста на сето набројано но и фактот дека Forester нема ни хибриден погон, тешко е да се очекува да биде атрактивен за европските купувачи.