Хемиската реакција во ќелиите на ладно се забавува и ја намалува ефикасноста на батеријата
Зимата е веќе тука. Календарски не, но со ниските температури време е да се потсетиме на реалната употреба на возилата во вакви услови, особено на оние целосно електрични. Бројката на електрични возила во Македонија е мала. Без намера да навлегуваме во анализи зошто е тоа така, ги потсетуваме малкуте сопственици на БЕВ за предизвиците со кои треба да се соочат во зимски услови.
Кај овој вид возила најмал проблем е да се заменат летните со зимските пневматици. Големо прашање е виталноста на батеријата во зима. При ниски температури, опсегот на електричниот автомобил може да се намали за 20 до 30 проценти. Во екстремни случаи, особено за кратки растојанија, загубата може да биде дури и до 50 проценти. За да се минимизира влијанието на студот врз автономијата, особено на куси релации, помага да се исклучат потрошувачите како што се загревањето на ветробранското стакло, ретровизорите или користењето на греењето на седиштата и воланот. Наместо тоа треба да се користи само загревањето на кабината. Кратките, односно урбаните, возења на ниски температури се прилично контрапродуктивни. Многу модерни електрични автомобили имаат интегрирани системи за термичко управување кои активно ја контролираат температурата на батеријата. Во зима, потребна е повеќе енергија за греење на батеријата на возилото. Ова ја зголемува вкупната потрошувачка на енергија и дополнително го намалува расположливиот опсег. Доколку е можно, паркирајте го автомобилот во гаража или заштитена локација. Ова помага батеријата и внатрешноста да бидат потопли. При ниски температури електрохемиските процеси во батеријата работат побавно. Моќта на полнење е намалена за да се заштити батеријата. Во исто време, внатрешниот електричен отпор се зголемува кога е ладно, што ја намалува ефикасноста на процесот на полнење. Побавната брзина на полнење може да биде поефикасна при ниски температури и да ја заштити батеријата.
Некои возила ја ограничуваат моќноста на полнење додека батеријата не достигне погодна температура за полнење. Намалените перформанси на батеријата при ладно време значи и помала помината километража. Не сакаме да бидеме цинични, но нашиот совет до сопствениците на електрични возила е да користат топла зимска облека и обувки, низ градовите повеќе да пешачат, а кога патуваат на подолги релации, барем во Македонија, искрено да се помолат и да планираат можни преспивања.