Напредната кинеска технологија за ЕВ добредојдена за Stellantis
На Stellantis не му оди баш добро во Кина, ама на Кинезите во Европа им тргна одлично. Затоа и согледувајќи ги можностите и опциите за иднината, раководството на компанијата одлучи да инвестира во Leapmotor. Не случајно бидејќи младиот кинески производител основан во 2015-тата покажа голем потенцијал. Првиот модел го подготвија во 2018-тата а веќе лани испорачаа 110 илјади возила. Гамата им е исклучиво електрична и сега се состои од четири суштински различни модели, а петтиот наменет за глобална продажба е на пат. Stellantis за сума од 1,5 милијарди евра ќе добие 20 отсто сопственост во компанијата и што е поважно пристап до нивните напредни технологии. Исто така договорено е и формирање заедничка компанија за интернационална продажба на возилата на Leapmotor чиј прв човек ќе биде назначен од страна на Stellantis.